Бугарското Министерство за надворешни работи во својот став потсетува на заложбите на Скопје за приклучување кон европското семејство на вредности и правила, нагласувајќи дека тоа е главен надворешно-политички приоритет на Северна Македонија. Според нив, овој процес претпоставува строго почитување на добро познатите обврски и принципот „pacta sunt servanda“, а успешноста на евроинтеграциите зависи од исполнувањето на поставените критериуми и услови, без можност за посредување помеѓу Европската Унија и земјата-кандидат.
Изјавата доаѓа во контекст на интервјуто на премиерот Христијан Мицкоски за Канал 5, каде што спомна дека унгарскиот премиер Виктор Орбан понудил да биде домаќин на средба меѓу Бугарија и Северна Македонија, со цел да се види дали може да се приближат позициите, овозможувајќи и на Скопје да започне преговори со ЕУ. Мицкоски предложи да се решат сите отворени прашања на една средба и да не се дозволи билатеризација на процесот.
Во истото интервју, Мицкоски истакна дека европските претставници во Брисел му потврдиле дека го поддржале Преговарачката рамка, бидејќи поранешниот претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ги убедиле дека ќе го обезбедат неопходното мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот.
На 25 септември, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ одлучија да ги разделат Албанија и Северна Македонија на патот кон пристапување во ЕУ. Тирана ќе го отвори првиот кластер на 15 октомври, додека Северна Македонија ќе мора да ги исполни условите поставени од Советот за да го започне процесот. Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, изјави дека Европската комисија го поддржува што поскоро отворање на првите кластери со Албанија, а со Северна Македонија веднаш штом ги исполни критериумите.
