Балкан

Бугарската претседателка Јотова: Направени се сите законски измени за регистрација на ОМО „Илинден-Пирин“, но при аплицирање секогаш им недостига документ

Бугарската претседателка Јотова: Направени се сите законски измени за регистрација на ОМО „Илинден-Пирин“, но при аплицирање секогаш им недостига документ

Бугарската претседателка Илијана Јотова по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа Ален Берсе изјави дека очекува надзорот над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во предметите поврзани со ОМО „Илинден-Пирин“ да биде затворен на следната седница.

Јотова нагласи дека Бугарија ги исполнила сите препораки упатени од меѓународните тела и во координација со Агенцијата за впишување спровела законски измени за да се овозможи регистрација на организацијата. Таа додаде дека при нивните апликации секогаш изостанува некаков документ, поради што постапките не завршуваат со упис.

Советот на Европа е надлежен за надзор на спроведувањето на пресудите на Судот во Стразбур. ОМО „Илинден-Пирин“ е една од организациите на македонското малцинство во Бугарија и најактивна во поднесување тужби пред Европскиот суд за човекови права, при што редовно добива спорови.

Од вкупно 16 добиени пресуди за повреда на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се во корист на ОМО „Илинден-Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја доби во 2001 година. Ниту таа, ниту последователните 10 пресуди Република Бугарија не ги спроведе до денес, како ни преостанатите пет донесени по тужби на „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители.

Премиерот Христијан Мицкоски повеќепати изјави дека бара јасни гаранции од Европскиот совет дека нема да има проблеми со македонскиот идентитет, јазик и култура, како и Бугарија да ги спроведе пресудите на Судот за човекови права во Стразбур што се однесуваат на правата на Македонците.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни