Македонија

Бугарското МНР побара објаснување од Скопје за недозволениот влез на пратеник

Бугарското МНР побара објаснување од Скопје за недозволениот влез на пратеник

Бугарското Министерство за надворешни работи побара објаснување од македонските власти откако на 27 септември на бугарскиот пратеник и претседател на парламентарната Комисија за политиките кон Бугарите надвор од земјата, Ангел Георгиев, не му бил дозволен влез во Македонија.

Поради случајот, вчера на разговор во бугарското МНР бил повикан вршителот на должноста шеф на Амбасадата на Македонија во Софија. Бугарската страна побарала појаснување за причините поради кои на Георгиев не му било дозволено да ја премине границата.

Според бугарското МНР, Георгиев требало да влезе во земјава како член на бугарска парламентарна делегација и да присуствува на рочиштето во Основниот суд во Кочани во случајот против Ива Михаилова.

Од бугарското Министерство наведуваат дека Георгиев и во претходните месеци влегувал во Македонија по истиот повод. Бугарската страна оценила дека ваквото постапување од македонските институции е „провокативно“.

Георгиев претходно бил опфатен со судска одлука со која на 27 пратеници од бугарската партија „Преродба“ им била изречена забрана за влез во Македонија, поради случај поврзан со незаконско преминување на македонско-грчката граница и престој во земјата.

И покрај претходната забрана, Георгиев и бугарскиот пратеник Крсто Врачев присуствувале на судењата поврзани со случајот на Ива Михаилова, која е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Бугарското МНР во своето официјално соопштение не наведува дополнителни детали за причините поради кои македонските надлежни институции го спречиле влезот на Георгиев. 

Поврзана објаваМакедонија му забрани влез на бугарски пратеник

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни