Часовничарството во Македонија, саатчиите велат дека тоа е неискористен потенцијал

Малата работилница на мајстор Митко Трендов се наоѓа во самото срце во Струмица. Тој е еден од последните часовничари во југоистокот. Вели дека овој занает носи со себе голем потенцијал, поради враќањето на модата на часовниците. Но, нема млади кои сакаат да го работат.

„Сега е во најголема експанзија. Сега носењето часовници е мода, е имиџ, е педантност и точност. Ако има телефони. Луѓето сакаат да носат часовник на рака. Имаме брендови. Имаме бижутерија која с еусогласува со часовниците. Овој занает не изумира, но нема подмладок, нема заинтересирани, и за кој било занает“, вели Митко Трендов – часовничар од Струмица.

Се вчитува...

Мајстор Митко вели дека образовниот систем мора да се прилагоди кон потребите на пазарот. Занаетите да се афирмираат, зошто може да значат мал семеен бизнис за младите. За самиот занает пак вели, не е тежок, но бара трпение.

„Тајната која е? Па да, ситниците кај нас, треба да си стрплив, што се вика живци треба да имаш, ама треба и убаво да се знае занаетот. Треба да си го сакаш занаетот. Да не те мачи занаетот, ти треба да си го знаеш и нема мака. Тешко е нешто што не го знаеш“, додава Трендов.

НОВИНАР: СКАПА ЛИ Е ИНВЕСТИЦИЈА?

ТРЕНДОВ: Набавката си е задолжителна, треба батерија, стакло, каиш, без вложување нема ништо. Треба да биде подготвен, кога ќе дојде муштеријата да му одговориш веднаш. Не, да го лажеш.

Според Трендов, во Македонија нема потенцијал за правење часовници. Пред се зошто немаме традиција. За еден часовник да биде совршен, важен е материјалот, рубините, прецизноста. За струмичани вели дека сакаат добри часовници.

„Најскап часовник сега на еден му кратев каиш и го проверував, а чини 4.200 евра. Имаме млади деца што се педантни, не сакат да му е изгребано стаклото, сакаат да се педантни, саатот е во мода во тренд“, вели Митко.

Мајстор Митко вели дека механичките часовници одат во заборав, но додава дека постојат добри батериски часовници  кои десет годни работат без прекин.

РЕПОРТЕР: КАТЕРИНА ДАФЧЕВА

Извор: ТВ21