По повод 28. септември, меѓународниот ден на Бошњаците, честитки испратија лидерите на политичките партии, претседателот на земјата, претседателот на Собранието, и други политички субјекти. Ви пренесуваме дел од нив.
СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ (ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА):
– Нека ни е честит 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците. Со особена гордост го празнуваме овој значаен ден водејќи сметка за историјата, културата и за традициите на бошњачкиот етникум кој е нераскинлив дел од нашето мултикултурно општество. Сите ние, поединечно, без разлика на која етничка група или религија припаѓаме сме одговорни да ги негуваме почитта и меѓусебното разбирање, потврдувајќи дека нашата држава и понатаму е пример дека различностите се најголемо богатство, се вели во честитката.
ЗОРАН ЗАЕВ (ПРЕМИЕР И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СДСМ):
– Денешниот празник – Меѓународниот ден на Бошњаците е ден кога сите ние го славиме нашето заедништво, достојно почитувајќи ги различностите, кои му се потребни на нашето општество. Владата, заедно со сите граѓани посветено го гради и унапредува концептот за развој на едно, еднакво и праведно општество и интеркултурен дијалог, како заедничко богатство, со здружена определба за почитување, толеранција и унапредување на етничките и културните разноликости. Дозволете, денеска, од име на Владата на Република Северна Македонија и од мое лично име да упатам најискрени честитки по повод 28 Септември, посакувајќи да ни траат, заедништвото, почитта и единството, зашто само така можеме да изградиме перспективна иднина за нас и за нашите деца“, се вели во честитката од премиерот Заев.
ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ (ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВМРО-ДПМНЕ)
Почитувани припадници на бошњачката заедница во Република Македонија,
Од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ, ви го честитам Меѓународниот ден на Бошњаците и ви посакувам добро здравје, среќа, радост и бериќет. Бошњачката заедница преставува нераскинлив дел од македонското мултиетничко општество.
Бошњачката заедница, традиција и култура во Република Македонија се длабоко вкоренети во нашето општество и даваат придонес во процесот на негување и зацврстување на меѓусебните односи и културната разноликост која е карактеристика за нашата држава. Бошњачката заедница давала и дава огромен културен и економски придонес во развојот на нашата заедничка татковина.
Бошњаците денес како и сите граѓани на Република Македонија ја живеат тешката реалност, исполнета со корупција, криминал, несигурност и беспарица. Тоа мора да се смени, и заеднички да ја градиме обновата за која мораме да се избориме.“, стои во честитката на Мицкоски.
ТАЛАТ ЏАФЕРИ (ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО)
„Почитувани сограѓани, припадници на Бошњачката заедница,
Дозволете од свое лично име, и од името на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, искрено да Ви го честитам 28-ми Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
Ви посакувам, како на овој ден, така и секој ден, да се гордеете со вашето потекло, да ги раскажувате и да ги негувате бошњачките обичаи и традиции и секогаш сплотени со вашите најблиски, да постигнувате успеси и напредок, но пред сѐ ви посакувам добро здравје и семејна благосостојба.“.