Македонија

Четири години од договорот меѓу Македонија и Бугарија, Заев и Борисов станаа пријатели но не и двете држави

Пред четири години на денешен ден беше потпиша Договорот пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Договорот беше потпишан во Скопје од премиерот Зоран Заев и тогашниот премиер на Бугарија Бојко Борисов.

Согласно Договорот е формирана Заедничка македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која досега одржа 14 состаноци. Досега заедничката мултидисциплинарна Комисија постигна договор за пет историски личности, и за три историски периоди.

Четири години по потпишувањето на овој Договор, и една и пол година од одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори, Македонија е се уште заглавена на европскиот пат, овојпат со блокадата на Бугарија и нејзините барања за идентитетот, јазикот и историјата.

Собранието во меѓувреме усвои Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, во која се изразени „црвените линии“ во преговорите со Софија.

Официјална Софија изрази разочараност што во Собранието е донесена Резолуција за македонските „црвени линии“. Бугарското МНР наведе дека жалат што Резолуцијата е донесена во време кога, како што наведуваат, билатералниот дијалог започнал да преминува во попозитивна фаза и изразија очекување дека Резолуцијата ќе биде објавена за да може да ја анализираат и да видат дали одговара со Договорот за пријателство што двете земји го потпишаа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни