Во изминатото деноноќие полицијата регистрирала четири случаи на семејно насилство на различни локации низ државата. Во еден од случаите едно лице е лишено од слобода, а со две лица е извршен службен разговор, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во Гостивар, 28-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг Ф.А. во нивниот дом физички ја нападнал неа и нивниот 10-годишен син, при што употребил и тврд предмет. Случајот бил пријавен во ОВР Гостивар околу 21 часот, а полицијата презема мерки за негово расчистување.
Во друг случај, во СВР Тетово, 28-годишен маж од гостиварско село пријавил дека рано наутро бил физички нападнат од својата баба. И за овој настан се преземаат мерки за утврдување на сите околности.
Во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Кисела Вода извршиле службен разговор со Ј.А. (39) од скопско и В.П. (36) од Скопје, по пријава дека во семеен дом физички го нападнале 68-годишниот татко на Ј.А. По целосното документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во Кавадарци, пак, полициски службеници ја лишиле од слобода 38-годишната З.С., по пријава дека во семејниот дом физички го нападнала својот 38-годишен сопруг. За случајот е известен јавен обвинител, а по неговото документирање против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од МВР информираат дека продолжуваат со преземање мерки за целосно расчистување на сите пријавени случаи.