На столчиња и со столчиња во раце се забавуваат младите на плажите во Охрид. Ова се снимките и фотографиите кои се шират на социјалните мрежи од забавите кои се организираат на охридските плажи во време кога земјава секојдневно регистрира троцифрени бројки на новозаразени со Ковид-19.
Од видеата и сликите се гледа дека не се почитуваат заштитните мерки, односно не се држи растојание ниту се носат маски. Ваквата хаотична состојба медиумите ја оценуваат како Македонски Вухан.
Во меѓувреме вчера министерот за здравство Венко Филипче алармираше за состојбата на плажите. Тој на Фејсбук напиша дека лежалката на плажа многу брзо може да се замени со болнички кревет.
„Ти си на одмор но вирусот не е! Носи маска или шал кога не можеш да одржиш физичко растојание. Да се заштитиме од Ковид-19, да ги почитуваме мерките и да спречиме ширење на овој непредвидлив вирус. Да бидеме одговорни и за нашите блиски околу нас“, истакна Венко Филипче.
Илбер Кокале, кој бил заболен и е лекар од Дебар рече дека неколку дена по ред бил присутен н аплажите во Охрид и Струга и рече дека тоа што го видел е надвор од секоја логика за заштита од Ковид-19. Тој додаде дека не е толку до протоколите колку што граѓаните не почитуваат растојание.
„Бев присутен во Струга и Охрид и имаше масовни собири на населението, да не се изразам погрешно, можеби немаше ниту сантиметар меѓу луѓето и автомобилите каде што се паркираат, езерото преполно со возрасни и деца, протоколи не се почитуваат“, посочи Илбер Кокале.
„На туристичките места да ви кажам право можеби воопшто не се почитуваат, тие собири што ги видов со свои очи и не само вчера туку и преку цела недела поради продолжениот викенд плажите беа преполни“, додава Кокале.
Од друга страна МВР информираше дека вопоследните 24 часа на цела територија на земјава се регистрирани 359 прекршоци за неносење заштитна маска, а состојбата со коронавирусот во моментов е 3656 активни случаи на Ковид-19, додека вкупно 500 лица го загубиле животот поради здравствени компликации предизвикани од вирусот.
.