Додека во Собранието се зборува за друга амнестија, која ќе ги намали казните за предметите на СЈО, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека без владеењето на правото, државата не може да ја има перспектива, додавајќи дека сега веќе судството се меша во работата на политиката.
„Секако дека остануваат залагањата за владеење на законот, без владеење на законот ја немаме потребната перспектива. Нека завршат меѓусебните обвинувања, до вчера политиката интервенираше и вршеше притисок врз судскиот систем, сега се отвора друго поглавје и судскиот систем се меша во политиката. Ајде сега да потврдиме која е вистината, вистината е во маргини, секој нека стои на свое место, но да имаат иста дестинација“, вели Али Ахмети – претседател на ДУИ.
Ахмети изјави дека следната година ќе биде година на градење на историја и на организирана држава која ќе стане дел на европските структури. Тој рече дека Македонија се наоѓа на прагот на завршувањето на деликатен процес, кој не смее да се остави на судбината. Затоа тој ги повика и опозициските партии да го дадат нивниот придонес за постигнување на успех.
„Ја повикуваме опозицијата од двете страни да се вклучат во одлучувачката игра за конечен успех. На 9-ти јануари започнува седницата за градење на нова историја на државата, организирана и прифатена држава од сите структури, НАТО и ЕУ, во пријателство и хармонија со сите земји од регионот. Затоа, опозицијата од двете страни да не ја искористуваат оваа одлучувачка ситуација за да го зголеми својот политички и партиски кредибилитет“, додава Ахмети.
Лидерот на ДУИ, рече дека зголемувањето на квалитетот и вредностите во здравство и образованието, се меѓу главните приоритети на кои ќе се фокусира и ќе ги реализира Демократската унија за интеграција во текот на 2019 година.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ
