Дали Владата веќе донесе одлука? До крајот на јануари ќе се знае локацијата на новиот Клинички

Точната локација за новиот Клинички центар сѐ уште е недефинирана. Се појавија информации дека Владата веќе донела одлука тоа да биде во општина Ѓорче Петров во близина на обиколницата, иако постапките за евалуација на условите на терен и за тоа која локација е најдобра се во тек. Од Министерството за здравство велат дека се уште не е донесена конечната одлука и дека последниот збор го има Владата.

„Не е избрана локација. Направена е евалуација врз основа на соодветна методологија, а одлуката ќе ја донесе Владата“, вели Венко Филипче – министер за здравство.

Од Владата за ТВ21 велат дека меѓусекторска работна група со помош на бодирање до крајот на месецот ќе избере една од трите локации.

„Во моментов се изработува Методологија за начинот на евалуација и споредбена анализа на трите предложени локации за изградба на новиот Клинички центар. Таа методологија, ќе биде основ за бодирање на истите од страна на меѓусекторска работна група. Врз основа на методологијата, локацијата којашто ќе добие најмногу бодови ќе биде основ за донесување на одлука од страна на Владата на РМ. Предлогот се очекува да биде доставен до Владата во следните неколку недели“, велат од Владата на Р.М.

Освен Ѓорче Петров, во игра е и Општина Петровец. Пратеникот Рамчиловиќ, кој заедно со пратеникот Илија Димовски ја покренаа иницијативата, за ТВ21 ги образложи причините зошто новиот Клинички треба да биде токму во Општина Петровец.

„Врз основа на елаборатите за можните локации по сите аспекти најдобра локација за изградба на Клинички центар е токму Општина Петровец. Просторот има извонредни географски услови од аспект на природна средина, а непосредно во негова близина се наоѓаат најзначајните патни правци. Дополнително аеродромот е во непосредна близина. Верувам дека Владата на Република Македонија ќе донесе исправна одлука, а во интерес на граѓаните“, вели за ТВ21 Зеќир Рамчиловиќ.

Разговаравме и со првиот човек на Општина Петровец, кој вели дека пракса е објекти од таков вид да се градат надвор од големите урбани центри.

„Предлог локацијата за новиот Универзитетски Клинички центар е транспортно пристапна, лесно достапна до граѓаните, економски оправдана, пријателски настроена кон животната околина и до сега не е користена за претходен урбан развој“, велат од Општина Петровец.

Изградбата на новиот Клинички ќе чини од 400 до 500 милиони евра, а од Министерството за здравство велат дека ќе биде готов до 2020 година. Првичната локација во Бардовци, во близина на Психијатриската болница пропадна бидејќи постои голем проблем со експропријација, односно приватно земјиште.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21