Дебата за уставните измени, Преспанскиот договор да биде уставна категорија, велат академиците

Празни столчиња  на третата јавна дебата за нацрт – амандманите за уставните измени.

Академиците побараа Преспанскиот договор да биде уставна категорија и да биде посебен амандман.

Академикот Владо Камбовски, рече дека Договорот од Преспа не стапил во сила поради тоа што Претседателот одбива да го потпише. Тој предложи во Уставниот закон да се стави посебна одредба дека овој Договор стапува во сила со потпис на Претседателот на Собранието. Претседателот на МАНУ, пак, Таки Фити, рече дека договорот го зацврстува идентитетот и дека со него се решава едно историско прашање.

Вицепремиерот Бујар Османи, оцени дека Македонија нема друга алтернатива и дека треба да тргне по патот кон НАТО и ЕУ.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, увери дека уставните измени ќе донесат благодет на наредните генерации.

Следните две јавни расправи ќе се одржат во Штип и во Тетово, по што Владата треба да изготви Извештај со сите сугестии и предлози и заедно со нацрт – амандманите да му ги достави на Собранието. Потоа претседателот на Собранието треба да закаже пленарна седница во рок од 30 дена, по што ќе треба да се обезбеди 2/3 мнозинство за конечното усвојување на уставните измени.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21