Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска не дојде на седницата, а премиерот Зоран Заев доцнеше 40-тина минути. Членовите на комисијата го чекаа него, бидејќи според деловникот тој мораше да го образложи предлог амандманот со оглед на тоа дека Владата е предлагач на уставните измени. Заев обраќањето го започна со цитирањето на член 49 во кој се вели дека Републиката ги штити правата и интересите на државјаните на Македонија кои живеат во дијаспората. Премиерот рече дека ова не ја прецизира етничката припадност туку измената на овој член предвидува грижа за заштита на идентитетот, културата на сите државјани кои живеат надвор од Македонија.
Пратеникот на Движење Беса, Фадиљ Зендели реагираше за третата точка од амандманот и го праша премиерот зошто за Македонците се води посебна грижа, додека другите заедници, вклучувајќи ги тука и Албанците влегуваат во категоријата само државјани. Според него, албанската дијаспора не може да искористи некое граѓанско право во обраќањата до амбасадите.
„Замислете да сте во Швајцарија каде има силна албанска заедница. Зборувам за Албанците од Македонија, не зборувам за тие од Косово и Албанија. Таму има многу малку Македонци, а ние како држава ќе водиме грижа за Македонците таму. За сите нивни права од културата и историјата, но не и за Албанците, кои ќе можат да ги искористат само нивните права, за некој сертификат или друг личен документ.“, изјави Фадиљ Зендели, пратеник на движење Беса
Пратеникот на Алијанса за Албанците пак, Сурија Рушити истакна дека не треба да се прави поделба на граѓаните, бидејќи тоа испраќа погрешна порака дека граѓаните се делат на сопственици и потстанари.
„Се согласувам со фактот дека, кој друг ќе ги брани овие вредности, ако не ги брани Република Македонија. Меѓутоа, имам една дилема. Кој ќе ги брани вредностите и културно-историското наследство на Албанците од Македонија. Бидејќи и Албанците имаат важни моменти од својата историја тука. Овде во овие области, тука се одржа Конгресот за унифицирање на модерната албанска азбука, во Битола“, изјави Сурија Рушити, пратеник на Алијанса за Албанците.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев рече дека овие уставни измени ја менуваат историјата на македонскиот народ.
Репортер: Аднан Ќаили
