Македонија

Нов предмет против Дејан Јованов, обвинителството бара мерки

Нов предмет против Дејан Јованов, обвинителството бара мерки
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Нова истрага е отворена против Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во пожарот загинаа 63 лица. Истовремено, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бара Јованов повторно да биде ставен во притвор, овојпат во рамки на новиот предмет.

Информацијата за медиумите ја потврди неговата адвокатка Ивана Коцевска, која добила покана утре во 10 часот да се појави пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје. Пред судот треба да биде спроведен и Јованов.

Според информациите, станува збор за ново кривично дело за кое постапува ОЈО ГОКК. Засега нема официјални детали за кое дело станува збор, што конкретно опфаќа новата истрага и дали со неа се опфатени и други лица.

Новиот предлог за притвор доаѓа непосредно пред 3 октомври, кога на Јованов му истекува максималниот законски рок за притвор во предметот за пожарот во „Пулс“.

Доцна попладнево до Основниот кривичен суд од обвинителството беше доставен и предлог за определување нови мерки за обезбедување присуство против Јованов. По предлогот судот треба да постапува во текот на утрешниот ден.

Одбраната претходно најави дека ќе понуди имотна гаранција од околу 200.000 евра како мерка за обезбедување на присуството на Јованов во текот на судската постапка.

Адвокатката Коцевска сега вели дека се оствариле нејзините претходни сомневања дека може да биде отворен нов предмет со цел да се бара нов притвор за Јованов.

Судскиот процес за случајот „Пулс“ досега се одвива со висок интензитет. Одржани се 49 рочишта без ниту едно одложување, изведени се повеќе од 1.300 материјални докази, а сослушани се 45 сведоци.

Судењето сега влегува во фаза на изведување на доказите на одбраната, во чии рамки е предвидено сослушување на 244 сведоци.

Утре во 10 часот Јованов треба да се појави пред судија на претходна постапка, каде ќе се одлучува по барањето на обвинителството за определување притвор во новиот предмет.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни