Свети Софрониј, патријарх Јерусалимски
Роден е во Дамаск од угледни родители. Откако насобра светска мудрост, не се задоволи и тргна да ја собира единствено духовната. Во Лаврата на свети Теодосиј се најде со монахот Јован Мосх кого го зеде за свој учител и тргнаа заедно да ги обиколуваат манастирите и подвижниците во Египет. Нивното мото беше: „секој ден стекни што повеќе духовна мудрост“. Сè што знаеја запишаа, а потоа го издадоа во две книги под името „Лемонариум“ (на словенски преведен како „Духовна полјана“). Подоцна заминаа во Рим, каде Мосх умре, а на Софрониј му порача да го пренесе или на Синај или во Теодосиевата Лавра.
Софрониј му ја исполни желбата и го однесе телото на својот учител во Лаврата на свети Теодосиј, а самиот се задржа во Јерусалим, којшто во тоа време беше ослободен од Персијците. Присуствуваше на враќањето на Чесниот Крст од Персија, кога царот Ираклиј на своите плеќи го внесе Крстот во Светиот Град. Стариот патријарх Захарија исто така вратен од ропство не поживеа долго, па кога се пресели во оној свет, го замени Модест (+364), а после него за патријарх беше поставен блажениот Софрониј. Тој со особена мудрост и ревност управуваше со Црквата десет години. Застана во одбрана на Православието од монотелитската ерес, којашто тој на својот собор во Јерусалим ја осуди уште пред таа да биде осудена на Шестиот Вселенски Собор.
Го напиша житието на света Марија Египетска, го состави чинот на Водосвет и воведе нови химни и песни во разни богослужби. Кога арапскиот калиф Омар го освои Јерусалим, Свети Софрониј го замоли да ги поштеди христијаните, а Омар вети дека тоа ќе го стори. Но, кога потоа калифот почна да ги ограбува и малтретира христијаните во Јерусалим, Софрониј од дното на срцето Го молеше Бога да го земе од живите на земјата за да не го гледа осквернувањето на светоста. И Бог ја услиши неговата молитва, па го зеде кај Себе во 644 година.
Свештеномаченици Пиониј и Лин Смирнски, и со нив маченикот Асклипијад и маченичките Македонка и Сабина
Овие маченици пострадаа за време на прогонот на христијаните од императорот Декиј (249-251), во Смирна, во тоа време знаменит трговски град, на источниот брег на Егејското море. Смирнската Црква е основана од светиот апостол Јован Богослов и се прославила со мажественоста на исповедниците на верата Христова. Откако дознаа за почетокот на прогоните, мачениците почнаа да се подготвуваат за страдање, со пост и удвоена молитва. Светиот Пиониј, кој беше свештеник, зема три вериги и ги стави врз себе и врз Асклипиад и Сабина. Светите маченици беа фатени од гонителите на 23 февруари, во денот на споменот на светиот Поликарп, епископ смирнски (+167), што било празничен ден за сите христијани во Смирна. Во затворот ги сретнаа презвитерот на соборната црква во Смирна, Лин и една жена по име Македонка, од селото Карина, кои исто така беа затворени заради исповедање на Името Господово.
Многумина верни ги посетуваа светите исповедници во затворот, носејќи им кој што може, но сето тоа затворениците им го раздаваа на стражарите. Кон Пиониј доаѓаа и некои што порано биле христијани, но од страв да не бидат мачени се согласиле да им принесат жртва на идолите, и тие ги просеа неговите молитви. Пиониј горко плачеше заради нивното малодушие и ги уверуваше „не очајувајте, браќа, иако направивте тежок грев, покајте се искрено, и повторно обратете се кон Христа со целото срце“. После многуте измачувања, на 2 март 250 година, светиот маченик го распнаа на крст и околу него поставија дрва и ги запалија. Кога огнот догоре, сите го видеа телото на светителот сосема неповредено, дури ни косата на неговата глава не беше изгорена. Лицето негово светеше со Божествена благодат. Светиот Пиониј е оној кој го напиша житието на светиот Поликарп смирнски.
Преподобен Георгиј Синаит
Игумен на Синајската Гора. Голем подвижник и праведник. На Пасхалната ноќ ангел Божји го пренесе во Јерусалим на Литургија и истиот ден повторно го врати на Синај. Се упокои мирно во 6 век.
