Денес го празнуваме Пророк Малахија, бил наобично убав и последен од Пророците!

Пророк Малахија (околу 400 г. пред Христа)

Според временскиот редослед, тој е последниот од Пророците. Се роди по враќањето на Евреите од вавилонското ропство. Во лицето беше необично убав.

Преданието вели дека народот го нарекувал Ангел, можеби заради неговата надворешна убавина, или заради чистотата на душата или, пак, затоа што се дружел со Божји Ангел.

Често говореше со Ангелот лице в лице. Се случуваше и другите да го чујат гласот на Ангелот, но не беа достојни да му го видат лицето. Она што му го јавуваше Ангелот, младиот пророк го пророкуваше.

Викаше кон неблагодарниот Израил и кон беззаконите свештеници.

Петстотини години пред Христа јасно ја прорече појавата на свети Јован Крстител.

Но, главно, тој е пророк на Страшниот Суд. Како млад се претстави кај Бога и после него немаше веќе пророк во Израилот до Јован Крстител.

Ги празнуваме и следните:

Маченик Гордиј (IV)

Роден е во Кесарија Кападокиска. Беше офицер во римската војска, во времето на царот Ликиниј. Но, кога настана страшно гонење на христијаните, ја остави војската и чинот и се оддалечи во Синајската пустина.

Осамен на планината Хорив, времето го поминуваше во молитва и размислување за тајните на небото и земјата. Особено размислуваше за суетата и ништожноста на овој свет, а заради што луѓето се мачат и се борат на земјата, па најпосле посака да умре за да се пресели во непропадливиот живот. Со таа желба тој слезе во градот во време на некои незнабожечки трки и игри.

Му се пријави на градоначалникот како христијанин. Овој залудно го одвраќаше од верата со ласки и со закани.

Гордиј остана непоколеблив и тврд како дијамант и говореше: „Зарем не е безумство со овој пропадлив живот да се купува вечната мака и погибел на душата?“

Осуден на смрт, радосно иташе кон губилиштето и патем им говореше на џелатите за скапоцената Христова наука.

Со Исусовото име на усните го предаде своето младо тело на меч, а праведната душа на Бога во 320 година.

Света Геновева Париска (VI)

Заштитничка на градот Париз. Со пост, молитва и милостина се удостои со Царството Божјо и се упокои на 3 јануари 512 година во осумдесет и деветтата година од нејзиниот живот.

Наоѓање на моштите на новопреподобномаченикот Ефрем од Неа Макри (Грција)