Денеска е Огнена Марија – жените не смеат да работат ни со игла!

Денеска православните христијани го одбележуваат празникот посветен на Светата великомаченичка Марина, меѓу народот позната како Огнена Марија. Овој ден е длабоко вкоренет во народната традиција и е особено почитуван, особено меѓу жените.

Света Марина се смета за огнена светителка, исто како Свети Илија. Според народните верувања, таа „пали и казнува со оган“ оние што не го почитуваат денот. Затоа, на 30 јули не се извршуваат домашни ниту полски работи. Жените дури се воздржуваат и од најмали активности, верувајќи дека дури и протнување игла во конец може да донесе несреќа.

Иако во црковниот календар овој ден не е обележан со „црвени букви“, Огнена Марија се почитува како голем празник, а во некои семејства се слави и како слава.

Света Марина потекнува од Антиохија, а според преданието, се крстила на 12-годишна возраст. Откако нејзиниот татко дознал дека ја прифатила христијанската вера, ја избркал од домот. При бегството, ја сретнала римскиот епарх Олимвриј кој ѝ предложил брак, но таа го одбила поради својата вера во Христос. Разгневениот епарх тогаш наредил да биде мачена.

Нејзините мошти денеска почиваат во манастирот Света Марина во Албанија, кој се наоѓа на планината Лонд над Охридското Езеро и претставува едно од најпочитуваните светилишта во регионот.