Македонија

Денеска е празник на Светиот апостол Вартоломеј – Натанаил и Светиот апостол Варнава: Ден кога се врти Сонцето

Во народното верување посебно важен празник се смета Вртолум, денот кога сонцето се врти кон зима. Се верува дека тоа е тежок празник кога не се работи.

Меѓу празниците од овој период од годината посебно важно место има празникот на светите маченици Вартоломеј и Варнава во народот познат под името Вртолум, што се празнува на 24. јуни според новиот, односно на 11 јуни според стариот календар. Во некои наши краишта овој ден се смета за тежок празник поради што не се работи никаква работа. Овој ден народот го поврзува со вртењето на сонцето. Имено се верува дека на овој ден сонцето се врти кон зима. Многумина дури верувале дека тоа е видливо, поради што гледале во сонцето за да виделе кога тоа ќе застанело и ќе се завртело.

Светиот апостол Вартоломеј – Натанаил

Еден од дванаесетте големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил, по сè изгледа, се две имиња за едно лице; името му е Натанаил, а Вартоломеј е според татковото име, односно значи „Син на Толомеј“. Заедно со светиот апостол Филип и сестрата на Филип, девицата Маријам – а некое време и со свети Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички.

Светиот апостол Варнава

Еден од седумдесетте апостоли. Роден на Кипар, од богати родители од племето Левиево, и заедно со Савле се учеше кај Гамалиил. Името му беше Јосиф, но апостолите го завикаа Варнава, што значи „Син на Утехата“, зашто вонредно умееше да ги утешува човечките души. Кога Савле се обрати, тој прв го внесе меѓу апостолите. Потоа со Павле и со Марко го проповедаше Евангелието во Антиохија и по други места. По сè изгледа, тој прв проповедаше и во Рим и во Милано. Пострада на островот Кипар, од Евреите, и Марко го по*реба на западните порти од градот Саламина, со Евангелието.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни