Пророк Даниил и трите младенци: Ананиј, Азариј и Мисаил (600 г. пред Христа)
Сите четворица беа од царското племе Јудино. Кога царот Навуходоносор (или Невукаднезар) го разори и заплени Јерусалим, тогаш и Даниил, како момченце, беше одведен во ропство заедно со јудејскиот цар Јоаким и со мнозина други Израилци. Исцрпниот опис на неговиот живот, страдања и пророштва може да се најде во неговата книга на Светото Писмо.
Сиот предаден на Бога, светиот Даниил од раната младост од Бога доби дар на голема прозорливост. Неговата слава меѓу Јудејците во Вавилон започна кога ги изобличи двајцата похотливи и неправедни старци, еврејски судии, и ја спаси од неправедна смрт целомудрената Сосана (Сузана).
А неговата слава меѓу Вавилонците започна од оној ден кога му го погоди и протолкува сонот на царот Навуходоносор. За ова царот го направи кнез на својот дворец. Кога царот направи златен идол во полето Деира, тројцата младенци не сакаа да му се поклонат на идолот, заради што беа фрлени во огнена печка.
Но, им се јави ангел Божји во печката и го разлади огнот и младенците шетаа низ печката неповредени од огнот и пееја: „Благослвен Си Господи на нашите отци“. Царот го виде ова чудо и го опфати ужас. Ги изведе младенците од печката и ги опсипа со големи почести. Во времето на царот Валтазар, кога на една гозба царот јадеше и пиеше со своите гости од осветените садови земени од ерусалимскиот храм, невидлива рака на дуварот напиша: „мани, текел, фарес“.
Тие зборови освен Даниил никој не можеше да ги протолкува. Таа ноќ царот Валтазар беше убиен. Заради верата во живиот Бог Даниил беше фрлан во лавовска јама давапати. И двата пати Господ го избави и го сочува жив.
Тој Го виде Бога на престолот со ангелските сили, гледаше ангели, проникнуваше во иднината на некои луѓе, царства и на севкупниот човечки род, го прорече времето на доаѓањето на Спасителот на земјата. Според свети Кирил Алкесандриски Даниил и тројцата младенци доживеаја длабока старост во Вавилон и беа убиени со меч заради вистинската вера.
Кога го убија Ананиј, Азариј ја спростре својата облека и ја прими неговата глава; потоа Азариината глава ја прими Мисаил, а Мисаиловата Даниил. Ангел Божји ги пренесе нивните тела во Јудеја, на гората Гевалска и ги положи под камен.
Според Преданието, овие четворица Божји угодници во времето на смртта на Господ Христос станаа и им се јавија на мнозина, па повторно заспаа. Даниил се вбројува меѓу четворицата големи Пророци (Исаија, Јеремија, Језекил и Даниил). Живееше и пророкуваше половина милениум пред Христа.
Преподобен Даниил исповедник, во схима Стефан (X)
Големец и гувернер на островот Ниверте кај Кадикс во Шпанија. Штом ја спозна суетата на овој свет ги напушти славата и богатството, па дојде во Рим, каде што се замонаши. Потоа отиде во Цариград и таму разговараше со царевите Константин и Роман Порфирородни, па потоа се упати во Јерусалим.
Во Јерусалим прими голема схима од патријархот Христодул, кој му го даде името Стефан. Мачен од Сарацените коишто го принудуваа да си ја избричи брадата, тој се оддалечи во Египет, каде што за името Исусово претрпе многу маки и смрт. Во Царството Христово се пресели на крајот од 10 век.
Свети Дионисиј Закинтски, архиепископ Егински
Преподобномаченици Авакум и Паисиј Српски (1814)
Паисиј беше игумен на манастирот Трнава кај Чачак, а Авакум му беше собрат и ѓакон. Обајцата како христијани Турците ги набија на колци во Белград на Калемегдан, на 17 декември 1814 година.
Носејќи си го колецот низ белградските улици Авакум храбро пееше. Мајка му со солзи го молеше да се потурчи, но тој цврсто одолеа и прими маченичка слава од Господа Христа.
