Прпеподобни Георгиј Хозевит (VII) и Емилијан исповедник (IX)
Се подвизувал во 7 век во Хозевитската обител на патот од Јерусалим во Јерихон, каде што се подвизувал и свети Јован Хозевит.
Свештеномаченик Картериј, презвитер во Кесарија Кападокиска (304)
Свети Картериј живееше во времето кога царуваше императорот Диоклецијан. Тој беше свештеник и учител на христовата вера во Кесарија Кападокиска, во времето на управувањето на прокураторот Урван. Тој изгради храм Божји, собра околу себе многубројна паства која ја поучуваше да го почитува Христа со Отецот и Светиот Дух како Единствен вистинит Бог. Ревносниот служител Христов беше наклеветен пред прокураторот, и затоа се сокри.
Но, Господ му се јави и му рече: „Картериј, оди и застани пред прокураторот, Јас ќе бидам со тебе. Ти претстои многу да пострадаш заради Моето име, но многумина преку тебе ќе поверуваат и ќе се спасат.“ Светителот се исполни со голема радост, Му заблагодари на Господа и го извести прокураторот каде живее, па го фатија и го ставија во затвор. Кога беше изведен пред прокураторот, му беше наредено да принесе жртва пред Серапис (египетско божество што се почитуваше и во Римската империја). Но, по молитвата на светителот, статуата на лажниот бог се сруши на земја. Тогаш, по заповед на прокураторот, 16 војници почнаа да го бијат со палки исповедникот Христов, откако четворица од нив го легнаа на земја.
Потоа, мачителите го обесија светиот Картериј на дрво и му ги извадија ноктите на рацете и нозете, а телото му го растргнуваа со железни куки. Но, на маченикот му се јави Ангел Господов и му ги излекува раните, па тој остана неповреден по сите тие тешки измачувања. Мачителот заповеда да го симнат од дрво, да му ги прободат стапалата со железни прачки и да му стават на градите вжештено железо и да го седнат на вжештена железна столица, а со прачките да му ги истегнуваат нозете. После тие тешки мачења, маченикот беше фрлен во затворот. Вечерта му се јави Господ Исус Христос, го исцели и го ослободи од веригите и го изведе од затворот.
Кога луѓето го видоа маченикот исцелен од сите тешки рани кои му беа нанесени, поверуваа во Бога и почнаа да се крстат, добивајќи истовремено исцелување од болестите од кои страдаа. Мачителите повторно го фатија Картериј и повторно го измачуваа: на нозете му беа обесени тешки камења, беше биен со палки по стомакот, го гореа со оган и на раните му ставаа сулфур и смола. Во устата му ставаа стопено олово, а на главата вжештен шлем. На крај, го фрлија во оган, но маченикот пеејќи благодарствени песни излезе неповреден од огнот. Тогаш еден евреин, кој присуствуваше на мачењето, се разгневи и фрли копје кон него, нанесувајќи му смртоносен удар во ребрата. Од раната на светиот маченик излезе голема количина вода, а потоа и крв и маченикот Христов Му ја предаде на Бога својата света душа.
Преподобна Домникa Константинополска (околу 474)
Во времето на царот Теодосиј, дојде како некрстена од Картагена во Цариград, со уште четири девојки незнабожки. Патријархот Макариј ги крсти и им благослови да живеат како монахињи. Света Домника се предаде на подвиг со голема ревност и во таа ревност остана до смртта. Се упокои во Господа во длабока старост, околу 474 година. Имаше дар на прозирање на идните настани преку Светиот Дух, како и чудотоворна молитва.
Маченици Јулијан, Келсиј, Антониј, Анастасиј, маченички Василиса и Марионила, 7 деца и 20 воини (313)
Обајцата од благородни и богати родители. Венчани во брак, се заветуваа да живеат девствено како брат и сестра. Им го раздадоа сиот свој имот на сиромашните, а самите стапија во монаштво. Јулијан основа машки, а Василиса женски манастир. Јулијан имаше десет илјади монаси, а Василиса илјада монахињи. Кога настана лутото мачење на христијаните под императорот Диоклецијан, Василиса Го молеше Бога нидена од нејзините монахињи да не се исплаши од маките и да не отстапи од православната вера.
Господ ја услиши молитвата на Својата достојна слугинка и за шест месеци ги зеде кај Себе сите монахињи редум, па најпосле и нивната игуманија, самата Василиса. Пред смртта, Василиса имаше видение за своите сестри на оној свет: сите ѝ се јавија светли и радосни како ангели Божји и ја повикуваа својата духовна мајка да им дојде што побргу. Манастирот на Јулијан беше изгорен од мачителите, а самиот Јулијан го мачеа нечовечно и го убија во најтешки маки.
Во маките го крепеше и бодреше Господ, па сè издржа јуначки, ја одржа верата и го прослави името Господово. Заедно со Јулијан беа убиени: синот и жената на мачителот Маркијан, Келасиј и Марионил, кои кога го видоа трпењето на маченикот и самите се обратија во Христовата вера, дваесет римски војници, седуммина браќа од она место, презвитерот Антониј и некој Анастасиј, кого Јулијан во времето на мачеништвото со молитва го воскресна од мртвите. Сите чесно пострадаа за Христа и станаа граѓани на небесното Царство околу 313 година.
Свети Кир и Атика патријарси Константинополски (VIII)
Свети Григориј, епископ Охридски (XI)
Благочестив учител и пастир на Христовото стадо. Се упокоил во 1012 година. Во натписот на црквата Света Софија во Охрид се нарекува Григориј премудриот.
- Преподобен Григориј, чудотворец Печерски (1093)
- Преподобен Григориј, затворник Печерски (XIII-XIV)
- Свештеномаченик Исидор презвитер и со него 72-ца пострадани од латините (1472)
- Преподобен Паисиј Угличски (1504)
- Маченици Теофил ѓакон и Еладиј (IV)
- Преподобен Илија, пустиник Египетски (IV)
- Преподобен Агатон Египетски
- Маченик Або Тбилиски (околу 790) (Грузија)
- Маченица Гудула Бриселска (659) (Британија)
