Денеска пратениците ќе се изјаснуваат за автентичното толкување на членот 11 од Законот за помилување

Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи денеска на редовната понеделничка средба треба да се договорат дали и кога Законодавно-правната комисија ќе заседава и ќе го разгледа барањето на СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.

Целта на автентичното толкување, според подносителите, е да се спречат обидите за избегнување на правдата и обезбедување неказнивост за сериозни кривични дела, односно активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Ѓорге Иванов, а во контекст на можната  одлука на Уставниот суд за укинување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.

Од Кабинетот на Џафери информираат дека барањето за автентично толкување што пристигнало во петокот веднаш е проследено до пратениците.

Уставниот суд во средата одлучи да поведе постапка за оценување на членот 11 – а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 – та година. Членот 11 – а овозможува претседателот на државата да повлече веќе донесена одлука за помилување. Тоа, според правните експерти, може директно да влијае врз актуелните обвиненија и истраги, и предметите што ги почна СЈО врз основа на прислушуваните разговори. Дополнувањето на членот 11, со став 11 а, го направи претходниот собраниски состав кога мнозинството во Парламентот го имаше коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за аболиција на педесеттина лица во 2016 година, но по протестите и реакциите од меѓународната заедница ја повлече одлуката.

Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска побара автентично толкување од Собранието, а пратеничката група на СДСМ во петокот го достави до претседателот на Парламентот Талат Џафери.

Според собраниската процедура, барањето за автентично толкување најпрвин треба да помине низ ситото на Законодавно-првната комисија.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното