Семејството на 38-годишната Јаница Цековска упатува апел за помош до јавноста, откако веќе десет дена нема информации каде се наоѓа. Таа на 3 октомври се оддалечила од мал групен дом во Градско, а Министерството за внатрешни работи информира дека се преземаат мерки за нејзино пронаоѓање.
Нејзините блиски ја објавиле фотографијата на социјалните мрежи, надевајќи се дека некој ќе ја препознае и ќе помогне со информации што би можеле да ја насочат потрагата.
Според објавените податоци, Јаница е висока околу 165 сантиметри, тешка приближно 70 килограми и има кратка црна коса. Кога исчезнала, носела црни тренерки, црн горен дел од тренерка со слика и црни пластични влечки.
Случајот предизвика загриженост и кај родителите на деца со попреченост. Зоран Мијалков од Штип, кој и самиот е родител на деца со попреченост, преку видеообраќање на социјалните мрежи повика медиумите да посветат поголемо внимание на исчезнувањето.
Тој нагласи дека ваквите случаи не треба да останат без поширока јавна реакција, посочувајќи дека меѓу родителите постои голема загриженост поради стравот дека слична ситуација може да се случи и во нивните семејства.
Информацијата за исчезнувањето на Јаница била објавена на 5 октомври, два дена по нејзиното оддалечување од групниот дом. Засега нема потврдени информации за нејзината местоположба.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до сите граѓани кои ја забележале Јаница или имаат информации што би можеле да помогнат во нејзиното пронаоѓање, да се обратат во најблиската полициска станица.
Семејството се надева дека споделувањето на фотографијата и информациите за исчезнувањето ќе помогне Јаница што поскоро да биде пронајдена.