Меѓународна потерница по Ива Михајлова, која е обвинета во Македонија во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, се очекува да биде распишана денеска. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека таа нелегално ја напуштила државата и дека Јавното обвинителство побарало да ѝ биде определен притвор.
Тошковски посочи дека, доколку судот донесе одлука за притвор, Министерството за внатрешни работи веднаш ќе ја проследи преку каналите за меѓународна соработка.
„Согласно информациите кои ги имам меѓународна потерница ќе биде распишана денес, јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка и се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, се она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ“, рече Тошковски.
Тој нагласи дека, според него, Бугарија треба да ги покаже своите заложби за почитување на меѓународните правила со конкретни постапки, а не само со декларативни изјави.
Михајлова, која има и бугарско државјанство, деновиве заминала во Бугарија, иако во Македонија за неа е во сила судска забрана за напуштање на земјата.
Од Министерството за внатрешни работи претходно соопштија дека таа нелегално ја напуштила Македонија и нелегално влегла на територијата на Бугарија.
„Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија“, соопштија од МВР.
Во меѓувреме, бугарските медиуми објавија дека Михајлова се наоѓа во Софија.