Македонија

Десет пријави за семејно насилство за едно деноноќие, шест лица приведени

Десет пријави за семејно насилство за едно деноноќие, шест лица приведени

Во изминатото деноноќие полицијата регистрирала вкупно десет случаи на семејно насилство на подрачјата на Скопје, Кочани, Штип, Делчево, Велес и Крива Паланка. Во рамки на постапките, шест лица биле лишени од слобода, а со едно лице бил извршен службен разговор.

Најголем дел од пријавите се однесуваат на физички напади врз сопруги и поранешни партнерки, како и на психичко малтретирање, закани и агресивно однесување во семејниот дом.

Во Скопје бил приведен 46-годишен маж по пријава дека физички ја нападнал сопругата, додека други жени пријавиле физичко и психичко насилство од сегашни или поранешни партнери. Една 41-годишна жена пријавила дека подолг период била вознемирувана од поранешен партнер кој постојано ѝ се јавувал, ѝ остава пораки и се појавувал пред нејзиниот дом.

Во Кочани бил уапсен 40-годишен маж по пријава од сопругата дека физички ја нападнал со тврд предмет, а според нејзините наводи, подолг период била изложена на психичко и физичко малтретирање.

Полицијата во Штип привела 56-годишник по пријава од неговата сопруга за физички напад во семејниот дом.

Во Делчево, 30-годишен маж бил лишен од слобода откако неговата сопруга пријавила дека во повеќе наврати ја нападнал во домот и во градскиот парк. При извршените проверки било утврдено дека бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,79 промили алкохол во крвта.

Во Велес, покрај службен разговор со едно лице поради агресивно однесување и закани кон сопругата, бил приведен и 43-годишен маж по пријава од неговата мајка дека физички ја нападнал. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.

Во Крива Паланка бил лишен од слобода 29-годишен маж поради закани и агресивно однесување кон сопругата. Потоа бил пренесен во здравствена установа во Скопје, каде бил задржан на лекување.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни