Студентите и граѓаните продолжија со блокадата на Радио-телевизија Србија (РТС) денеска и покрај повикот на претседателката на српското собрание, Ана Брнабиќ, која повика на прекин на блокадата и најави седница на која ќе се покрене постапка за избор на нови членови на Советот на Регулаторната агенција за електронски медиуми (РЕМ), што е и еден од студентските барања.
Брнабиќ изјави дека во понеделник, 28 април, ќе се одржи седница на Одборот за култура и информирање на која ќе се расправа за избор на нови членови на Советот на РЕМ.
„Новинарите, снимателите, уредниците и реализаторите веќе единаесетти ден со голем напор продолжуваат со реализација и емитување на информативната, културната и друга програма, поради отежнати услови за работа РТС е принуден да ја прилагоди програмската шема, а студентите утрово не им дозволија на работниците од обезбедувањето да влезат во објектите на РТС на улиците Таковска и Абердарева“, соопшти денеска овој јавен сервис.
Блокадата на РТС започна минатата недела, а студентите се незадоволни од известувањето на РТС за студентските протести и кризата во земјата.
Тие најавуваат дека блокадата ќе трае сè додека не се распише нов конкурс за членови на Советот на РЕМ, што го бара и српската опозиција.
Раководството на РТС смета дека студентите „незаконски го блокираат“ јавниот сервис и дека тоа претставува „недозволив притисок врз медиумот во кој граѓаните со години имаат најголема доверба“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави во средата дека студентите и граѓаните кои учествуваат во блокадите „ќе продолжат со насилство“, а државата „ќе го избере моментот кога ќе стави крај на насилството“.
Тој нагласи дека повеќедневната студентска блокада на РТС е „злосторство без преседан“.
„Сè што прават против РТС е злосторство без преседан и тоа не го велам затоа што го сакам и почитувам РТС – напротив. Да блокирате пристап до зградата десет дена, да го блокирате излезот, да не може да се донесе храна, и сето тоа да го поддржуваат дел од невладините организации, а никој однадвор не зборува за тоа. По тоа се гледа чија поддршка ја имаат. Кога Александар Вулин со своите пријатели протестираше пред телевизијата Н1 еден или два часа, веднаш реагираа ЕУ, ОБСЕ и секоја политичка партија, тврдејќи дека тоа е незапаметен притисок“, изјави Вучиќ како гостин на ТВ Пинк.
Српската власт, под чијашто контрола или влијание се наоѓаат повеќето печатени медиуми и телевизии со национална фреквенција, ги нарекува студентските протести „обоена револуција“ и се обидува да внесе поделби меѓу студентите кои веќе повеќе од четири месеци блокираат над 60 факултети на четири државни универзитети.
Студентското движење настана како реакција на антивладини протести, поттикнати од загинувањето на 16 лица при уривање на надстрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Од властите бараат кривична и политичка одговорност за таа трагедија, како и борба против корупцијата и независно функционирање на институциите.
