ДЕЦА МЕЃУ ЖРТВИТЕ ВО ШВАЈЦАРИЈА: Идентификувано 14-годишно девојче – Менаџерите на „Ле Констеласион“ осомничени за убиство од небрежност

Тагата во Швајцарија станува сè поголема како што пристигнуваат резултатите од идентификацијата. Швајцарската полиција потврди дека се идентификувани уште 16 жртви од кобниот пожар во Кран-Монтана, а меѓу нив има голем број малолетници. Истовремено, обвинителството покрена истрага против раководството на локалот.

Со новите податоци, вкупниот број на идентификувани тела се искачи на 24 (вчера беа идентификувани осум).

Се вчитува...

Деветмина од идентификуваните се малолетни

Најпотресните детали од денешниот извештај се однесуваат на возраста на жртвите. Од 16-те новоидентификувани, дури деветмина се помлади од 18 години.

  • Најмладата идентификувана жртва е 14-годишно девојче од Швајцарија.
  • Идентификувани се и двајца 15-годишници.

Меѓу загинатите има државјани на Швајцарија, Италија, Романија, Турција и Франција.

Кривична пријава за брачната двојка Морети

Швајцарските обвинители не губат време во барањето одговорност. Отворена е кривична истрага против француските менаџери на барот „Ле Констеласион“. Осомничени се Жак (49) и Џесика Морети (40).

Тие се соочуваат со сериозни обвиненија:

  1. Убиство од небрежност;
  2. Предизвикување телесни повреди од небрежност;
  3. Палеж од небрежност.

Кобниот шампањ

Истрагата ги потврдува првичните сомнежи за причината на една од најголемите трагедии во историјата на Швајцарија. Се верува дека пожарот бил предизвикан од прскалки поставени на шишиња шампањ. Тие биле премногу приближени до плафонот (кој веројатно бил обложен со лесно запалив материјал за звучна изолација), што довело до моментално разгорување на огнот.

Билансот на трагедијата останува стравичен: Најмалку 40 загинати и 119 повредени.