Владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнаа договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери на редовната месечна средба со собраниските известувачи.
Опозициските пратеници до вчера попладне со долги говори и реплики речиси и да ја блокираат оваа седница.
Џафери не прецизира како власта и опозицијата се договориле за гласање по овие закони и упати на лидерите на партиите.
„Прашајте ги Мицкоски и Заев“, рече претседателот на Парламентот.
Неговата улога, како што вели, била тоа што ја продолжил седницата до по полноќ до изгласување на првата точка.
На утрешното продолжение на 123. седница треба да бидат донесени околу четириесетина закони врзани со рок, односно со примена од 1 јануари, меѓу кои и од сферата на финансиите, социјалата и здравството. Другите точки од оваа седница на дневен ред ќе бидат разгледувани по Нова Година.
Сепак, во Собранието информираат дека согласност нема за носење на некои од клучните закони, како Законот за одбрана, на пример. Џафери е дециден дека пораката до НАТО за неносењето на Законот за одбрана не го праќа Собранието, туку политичките партии.
„Собранието не праќа порака дека не може да го усвои законот. Јасна порака праќаат политичките партии кои не даваат согласност да помине законот. Ставовите на политичките партии се тие кои на Собранието му оневозможуваат да оди напред во процедурата за носење на законот“, изјави претседателот на Собранието.
Запрашан за ратификација на Протоколот за НАТО, претседателот на Собранието смета дека таа не може да биде изгласана и да има одложена примена.
Во врска со можноста за одлагање на изборите, Џафери нагласи дека тие можат да бидат одложени се додека не бидат распишани.
Тој појасни дека одлуката да има избори на 12 април не беше на Собранието и оти постапката за распишување вонредни избори со техничка Влада е поинаква.
Во случајов, на пример, доколку премиерот на поднесе оставка, не може да се избере техничка Влада и да се одржат предвремени избори. Сепак, доколку се следи предвидената динамика, се очекува на 3 јануари да биде одржана седница на Парламентот на која би била избрана техничката Влада.
„По она што го договорија лидерите, процедурата е најдоцна на 3 јануари до 24 часот да се избере составот на техничката Влада во духот на Пржинскиот договор. Од тој ден почнува роковите за распуштање на Собранието и роковите за одржување на изборите на 12 април“, вели Џафери.
Претседателот на Собранието предупредува дека доколку се избере техничка Влада, ни теоретски, ни законски, не е можно да се одложат на изборите.
„Техничката Влада е врзана за одлука која произлегува од договорот меѓу политичките субјекти кои учествуваат во политичкиот живот во државата и со Пржинскиот договор. Тие договориле од изборите во 2016 година, па наваму, сите редовни или предвремени избори да бидат проследени со техничка влада чија основна цел е спроведување на избори“, истакна Џафери.
Доколку премиерот не поднесе оставка, додава тој, Собранието ќе продолжи да работи во полн состав каков што е. Ќе се оди на редовни избори или можеби ќе има друга одлука.