Џеј Ди Венс: Да бидеме искрени, дали ви се допаѓа Русија или не, тие имаат многу нафта!

Американскиот претседател Доналд Трамп не смета дека Русија треба економски да се изолира од остатокот на светот, освен во контекст на војната против Украина, изјави потпретседателот Џеј Ди Венс во интервју објавено од One America News Network, пренесува Kyiv Independent.

Оваа изјава доаѓа во време кога администрацијата на Трамп, и покрај повторените закани, воведе само ограничени санкции кон Русија, а во некои случаи и ги ублажи постојните ограничувања.

Став за идните односи

„Претседателот беше многу отворен со Европејците и Русите дека не гледа причина зошто би ја изолирале Русија економски, освен поради продолжување на конфликтот“, рече Венс.

Потпретседателот нагласи дека Русија и понатаму претставува велесила богата со ресурси.

„Да бидеме искрени, дали ви се допаѓа Русија или не, дали се согласувате или не со нивните темелни аргументи за конфликтот, едноставен факт е дека тие имаат многу нафта“, изјави Венс, додавајќи: „Имаат многу гас. Имаат многу минерално богатство.“

Според него, по постигнување на мировен договор, Вашингтон би можел да воспостави „многу продуктивен економски однос“ и со Киев и со Москва.

Загриженост во Киев и Брисел

Изјавите на Венс се совпаѓаат со извештаите според кои мировните предлози на Трамп наводно вклучуваат укинување на санкциите кон Москва. Тоа предизвика загриженост во Киев и Брисел поради можната загуба на влијание на Западот врз Кремљ.

Да потсетиме, американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави завчера, на 3 септември, дека Европа мора да го намали увозот на руска нафта и гас ако очекува Вашингтон да ги заостри санкциите со цел да ја поттикне Москва на сериозни преговори.

Во текот на август, Вашингтон воведе царини кон Индија, еден од најголемите купувачи на руска нафта, но се воздржа од пошироки мерки. Индиските власти порачаа дека царините нема да го запрат увозот на руската сурова нафта.

Од друга страна, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на 5 септември најави дека европска делегација ќе отпатува во Вашингтон за координација на нов заеднички пакет санкции. Ден подоцна, американскиот министер за финансии Скот Бесент ја потврди подготвеноста на Вашингтон да ги прошири секундарните царини кон земјите што купуваат руска нафта, иако конкретни чекори сè уште не се објавени.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.