Нема промена во првичните резултати кои ги објави ДИК, откако Управен суд не прифати ниту една од 185 тужби поднесени од страна на учесниците во изборниот процес.
„Во смисла на организација, одвивање на гласањето немаше никакви сериозни забелешки од страна на граѓаните и присутните кои го набљудуваа процесот. Она што се случи со објавувањето на резултатите, вие сте сведоци дека беше предмет на напад од надвор“, истакна Оливер Деркоски.
За нападот истрагата е во тек, но засега не е познато кој стои зад упадот во системот.
На свечена седница ДИК требаше да ги додели и уверенијата на новите 120 пратеници, но иако терминот беше точно на пладне, 1 час никој не се појави во комисијата.
Први пристигнаа двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов и Даниела Христова, следуваше овластен претставник од ДУИ, па од СДСМ. Не дојдоа само од партиите Левица и ДПА, а претставникот на коалицијата АА-ААА дојде но ДИК не му ги врачи уверенијата бидејќи не бил овластен за тоа.
„Изборните процес беа во ред, ние немавме никакви забелешки за тоа. Им честитам на сите пратеници“, посочи Лога.
„Поради условите во кои се наоѓа нашата земја и пошироко одлучивме на ваков начинда ги подигнеме уверенијата од коалицијата „Можеме“ благодарам на сите што учествуваа во овој изборен процес“, посочи Бранко Ѓорѓиевски.
„Она што имавме прилика да го погледнеме на изборите е дека покрај сите неправилности, поткупи и се она што се случуваше особено во кампањата и предкампањата опозицијата и опозициските партии успеа да освојат повеќе гласови од владејачката структура“, порача Игор Јанушев.
Според Уставот, претстои Парламентот треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите, а конститутивната седница на новиот собраниски состав треба да ја свика поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери, најдоцна до 4 август.
Ако Џафери, кој вчера беше хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, не биде во можност да ја закаже конститутивната седница, уставните и законските одредби предвидуваат тоа да го стори највозрасниот пратеник од новиот парламентарен состав.
По конституирањето на Парламентот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.
Ова беа десеттите парламентарни избори и петти предвремени парламентарни избори од независноста на земјата, кои се одржаа во специфични услови на пандемијата со Ковид-19 и под посебни здравствени протоколи за заштита на изборната администрација, учесниците во изборниот процес и населението од коронавирусот.
.