Македонија

ДИК го утврди изгледот на гласачкото ливче за изборите во Брвеница на 18 октомври

ДИК го утврди изгледот на гласачкото ливче за изборите во Брвеница на 18 октомври

Изборните подготовки за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница влегуваат во завршна фаза. Државната изборна комисија (ДИК) на 19. седница едногласно ги утврди содржината, изгледот и заштитата на гласачкото ливче за изборите закажани за 18 октомври 2026 година.

Од ДИК информираат дека оваа точка од дневниот ред била разгледана на затворена седница, без присуство на јавноста. Постапката е спроведена согласно Деловникот и Изборниот законик, со цел да се зачува доверливоста на изборниот материјал и да се заштити интегритетот на изборниот процес, вклучително и преку утврдување на видливите и невидливите безбедносни елементи на гласачкото ливче.

Од Комисијата посочуваат дека при утврдувањето на содржината биле почитувани законските одредби за употребата на јазиците и писмата. Гласачкото ливче ќе биде отпечатено на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во општината, согласно законските услови, како и на јазикот и писмото на заедницата на која ѝ припаѓаат кандидатите.

Редоследот на кандидатите и нивните подносители ќе биде определен според единствената утврдена листа на кандидати.

Главниот дел од гласачкото ливче ќе ги содржи називот на општината, бројот на гласачкото место, името и симболот на подносителот, како и редниот број, името и презимето на кандидатите. На делот што останува на кочанот ќе бидат наведени серискиот број, општината и бројот на гласачкото место.

За делот од седницата што се одржал зад затворени врати ќе биде изготвен посебен записник, кој заедно со тонската снимка ќе биде архивиран, но нема да биде јавно објавен.

На истата седница, членовите на ДИК едногласно го усвоиле и записникот од претходната, 18. седница.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни