Димитревски обелодени документи: МОН 3 години со прст не мрдна за гимназијата „Сами Фрашери“, одговор не добивме на ниту еден допис

Независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, вечерва во дебатната емисија на Клан телевизија обелодени документи кои се од јавен карактер, а се однесуваат на проблемот со изградбата на гимназијата „Сами Фрашери“, тема која секогаш се отвора за време на избори.

„Ова е едно отворено прашање со коешто толку многу се политизира во нашиот град, секогаш за избори. Кога ќе треба нешто да се сработи за гимназијата „Сами Фрашери“ никој ги нема никаде, особено носителите на најголемите политички функции. Последната инвестиција во образование во Куманово е во’83та година – ОУ Кочо Рацин. Оттогаш, до пред 3 години само 300.000 евра инвестиција. Затеков состојба со долгови во образованието 2 милиони евра, сега школите не должат никому ништо. Реконструирани се во овие три години, делумно – нецелосно ОУ „Браќа Миладиновци“, „Наим Фрашери“, комплетно училиште „Јероним Де Рада“ во Черкези. Изградени 2 училишни спортски сали, едната во село Черкези, другата во економско училиште“, истакна Димитриевски.

Во емисијата, Димитриевски извади испратен допис до Министерството за образование и наука.

„Капиталните инвестиции доаѓаат од државата. Еве го првото писмо на 26.09.2018 година кадешто испраќаме барање до ресорното министерство, до тогашниот ресорен министер кадешто објаснуваме за состојбата во училиштето и кадешто бараме, а во тоа време е министер Арбер Адеми. Тука имате конкретни заклучоци кадешто велиме каква е состојбата и бараме да се стават средства во буџет. Претходно, на телефонски разговор, со претходната министерка Рената Тренеска Дескоска изградивме консензус и стави средства за изградба на тоа училиште. Ние определивме релокација, во соработка со училиштето, со вработените, со училишниот одбор и дадовме насоки. Тие средства се симнаа на сметка од буџетот, за 2019 година ги немаше. Во 2020 година, повторно испративме исто писмо, а во меѓувреме неколку писма. Никој со прст не мрдна во ресорното министерство, ниту пак некогаш на пет, шест писма добивме одговор. Имаше многу контакти, празни ветувања. Еве ги писмата на вас, повелете, ова се писма од јавен карактер може да ги добие секој согласно законот. Немаме ниту еден единствен одговор како општина, бидејќи капиталните инвестиции одат преку ресорно министерство. Обезбедивме место за изградба на две нови училишта, не едно. Проблемот е во ресорното министерство и во Владата бидејќи не обезбедија средства за градба. Во ова училиште успеавме со помош на директорот и заштедите да ги реконструираме санитарните јазли, пристапот, да ставиме смарт табли“, потенцираше Димитриевски.

Димитриевски посочи дека за решавање на овој проблем ќе одат сами како општина.

„Порачавме иден проект, градежен проект, имаме локација, ќе предвидиме пари во основниот буџет на општината, ќе ги почнеме темелите. Ако државата нема сенс ќе градиме заедно со граѓаните и со странски донатори, ќе го решаваме овој проблем. А, они нека го политизираат“, додаде Димитриевски.