Димитров домаќин на црногорскиот колега Дармановиќ: Црна Гора силно го поддржува нашиот пат кон НАТО

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, му беше домаќин на министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

Министерот Димитров се заблагодари за поддршката на Црна Гора и изрази уверување дека со ратификацијата на Договорот од Преспа, Република Македонија ќе стане 30-та земја членка на НАТО Алијансата, веднаш по Црна Гора. МНР Дармановиќ ја рефирмираше поддршката од Црна Гора за евро-атлантските интеграции на Република Македонија, истакнувајќи го напредокот во регионот со постигнување на Договорот помеѓу Македонија и Грција.

Се вчитува...

„Црна Гора е веќе НАТО членка, и ги гледаат бенефициите од тоа членство. Благодарност за поддршката сега за нашиот пат да бидеме ние 30-та земја членка. Потпишавме договор за имотно-правни односи од интерес на двете држави“, изјави Димитров.

На пленарните разговори меѓу делегациите на Република Mакедонија и Црна Гора, предводени од Министрите за надворешни работи, беа разменети мислења за сèвкупните билатерални односи меѓу двете држави, можноста за унапредување на односите во сите сфери од заемен интерес, со акцент на економијата, земјоделството и туризмот, како и за соработката на регионален и мултилатерален план.

„Посебно ми е задоволство што имам прилика да се сретнам со мојот колега и пријател. Се согласивме дека двете земји се пример на регионот. Црна Гора и Македонија константно напредуваат во сите области. Со договорот за имотно-правни односи, направивме чекор напред. Сакам да нагласам дека ќе потпишеме уште договори во иднина. Црна Гора го поддржува договорот од Преспа и интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ“, рече Дармановиќ.

Извор: ТВ21