Во рамки на работната посета на Анкара, министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевљут Чавушоглу, како и со претседателот на Големото народно Собрание на Република Турција, Бинали Јилдирим, а претстојат средби со министерот за одбрана, Хулуси Акар и високи претставници во Кабинетот на претседателот Ердоган.
На средбата со МНР Чавушоглу беше потврдена посветеноста на двете страни за натамошно градење на блиски, пријателски и партнерски меѓусебни односи. Се дискутираа можностите за подобрување на соработката во економијата, инвестициите, образованието, културата итн. Министерот Чавушоглу потенцираше дека Република Турција и понатаму максимално ќе ја поддржува Република Македонија во евроатлантските интеграции. Тој позитивно ги оцени најновите случувања во Република Македонија во тој контекст.
„Ги затвораме отворените прашања со цел да ја извадиме Македонија од равенката на несигурност, преку членството во НАТО и ЕУ. Во исто време не смееме да ги заборавиме нашите пријатели кои не’ поддржуваат на тој пат од самиот почеток.”, истакна Димитров.
На крајот на средбата двајцата министри потпишаа Меморандум за соработка во областа на информатичките технологии и дипломатските архиви помеѓу Министерствата за надворешни работи на двете земји.
