Политиката на проширување на Европската Унија е клучна за демократската трансформација, владеењето на правото и стабилноста на регионот, порача заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, на состанокот на шефовите на дипломатиите во рамки на Берлинскиот процес, што се одржува во Пржно, Црна Гора.
На состанокот посветен на евроинтеграциите, регионалната соработка и безбедноста на Западен Балкан, Димитровски истакна дека во услови на сложени геополитички предизвици, стабилноста на регионот е европска неопходност. Притоа, тој нагласи дека билатералните спорови не смеат да го кочат пристапниот пат кон ЕУ.
„Со нашиот источен сосед сакаме европски, а не средновековен дијалог – разговор за иднината, а не за историјата. Во процесот на зачленување треба да ги трансформираме институциите и да воспоставиме правна држава, а не да го менуваме идентитетот и историскиот наратив“, истакна Димитровски.
Тој ја потенцираше и важноста на Берлинскиот процес како клучна платформа за економско поврзување, слободно движење и забрзано приближување на Западен Балкан кон европските стандарди.
На состанокот во Црна Гора учествуваа министри за надворешни работи од регионот и земјите членки на ЕУ, како и високи претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка (RCC) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).