До 5 јуни без камата за задоцнети сметки за вода во Скопје

ЈП Водовод и канализација – Скопје ја информира јавноста дека е во тек акција за отплата на долгови без пресметка на камата за задоцнето плаќање.

Акцијата започна на 20 април 2026 година и ќе трае до 5 јуни 2026 година, при што на граѓаните им се овозможува отплата на заостанати долгови на рати, без пресметана камата.

Од претпријатието апелираат до сите корисници кои имаат ненамирени обврски за потрошена вода – како редовни така и тужени долгови – да ја искористат оваа можност за олеснето подмирување на обврските.

Сепак, акцијата не важи за органите на државната и локалната власт, како и за институциите основани со закон и кои вршат дејности од јавен интерес, меѓу кои агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија.

По истекот на предвидениот рок, одлуката за олеснето плаќање без камата престанува да важи.

За дополнителни информации граѓаните можат да се обратат во Дежурно информативниот центар на телефон 02 3073 010, на 02 3240 300, преку електронска пошта kontakt@vodovod-skopje.com.mk или на веб-страницата www.vodovod-skopje.com.mk.