Членови на Доброволното противпожарно друштво од Кочани, Златко Илиев и Симе Стоилковски, во гостување во Отвореното студио на 4ТВ.мк ја раскажаа драматичната ноќ кога избувна пожарот во дискотеката дискотека Пулс.
Илиев објасни дека првата информација за сериозноста на ситуацијата ја добиле преку група за комуникација, од професионален пожарникар кој исто така е член на доброволното друштво.
„Пораката гласеше: ‘Горе има жртви’. Ми требаа неколку секунди да ја процесирам информацијата и да се подготвам што треба да направам“, рече тој.
По добиената информација, веднаш била донесена одлука да се активира дополнителна противпожарна опрема и возило, со цел да се помогне на екипите кои веќе интервенирале на терен. Дел од доброволците се упатиле кон дискотеката за да помогнат во гаснењето, додека други се погрижиле за дополнување на водата во противпожарното возило.
Со околу петнаесет колеги поставиле линија за снабдување со вода, а потоа се упатиле до најблискиот хидрант во градот за повторно полнење, по што се вратиле на местото на пожарот.
„Кога се вративме вторпат, пожарот веќе беше делумно изгаснат. Командирот ми даде наредба да се префрлиме на јужната страна, каде сè уште имаше пламени јазици што се закануваа да се прошират“, објасни Илиев.
На тој дел од објектот веќе пристигнале и други колеги, кои поставиле нова линија за гаснење. Во меѓувреме, дел од тимот влегол во внатрешноста на дискотеката за да изврши последна проверка.
„Јас и уште неколкумина влеговме во дискотеката за да направиме последно пребарување, да видиме дали има уште некој внатре“, додаде тој.
Од доброволното противпожарно друштво нагласија дека нивните членови биле активно ангажирани цела недела по трагичниот настан, помагајќи во различни активности поврзани со последиците од пожарот.
