Македонија

Доброволните пожарникари подготвени за летната сезона: Формирани тимови за брз одговор

Доброволните пожарникари подготвени за летната сезона: Формирани тимови за брз одговор

Соочена со ризикот од летни пожари, Македонија ги активира сите расположливи ресурси за навремена реакција. Доброволните пожарникари од сите активни противпожарни друштва во земјава се ставени во готовност и ќе бидат дел од тимовите за брз одговор при пожари на отворен простор.

На пистата во касарната „Гоце Делчев“ во општина Аеродром беше одржано постројување на доброволните пожарникари, со што беше утврдена реалната бројка на лица кои се подготвени организирано да се вклучат во гаснењето на огнените стихии во текот на летната сезона.

Доброволните противпожарни друштва ќе бидат вклучени како поддршка на системот на Дирекцијата за заштита и спасување преку Тимовите за брз одговор, со цел побрзо дејствување во критични ситуации.

Пред присутните се обрати директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој ги претстави плановите и подготовките за претстојната сезона со зголемен ризик од пожари.

На постројувањето беше презентирана и новата внатрешна структура и хиерархија на доброволните сили, која треба да овозможи подобра организација, координација и поефикасно командување при интервенциите.

По официјалниот дел, доброволните пожарникари одржаа работен состанок на кој разговараа за досегашните искуства, предизвиците на терен и можностите за подобрување на системот за заштита и спасување.

Подготовките доаѓаат во период кога високите температури и сувото време го зголемуваат ризикот од пожари на отворен простор, а институциите најавуваат засилена координација меѓу сите служби кои учествуваат во справувањето со огнените опасности.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни