Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, денеска по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва изјави дека Русија е многу важна земја за Република Српска во рамките на Советот за безбедност и дека ќе се залага за прекин на работата на меѓународните институции во Босна и Херцеговина, вклучително и на високиот претставник.
Тој од Москва изјави дека и покрај потерницата која по него ја распиша судството во Босна и Херцеговина, тој во сабота ќе се појави во Бања Лука, наведувајќи дека никој нема да го спречи во тоа.
„Во сабота ќе бидам во Бања Лука на средба со раководството на РС“, изјави Додик за новинарите од медиумите на РС кои го придружуваа за време на неговиот престој во Москва.
„Путин ги знае деталите, севкупната ситуација што се случува во нашата земја…“, тврди Додик на мрежата Х.
Засега нема повеќе детали за средбата меѓу Путин и Додик, иако се претпоставува дека Додик, по кого трагаат правосудните органи и полициските агенции во Босна и Херцеговина, отишол во Москва за да побара поддршка од рускиот лидер поради судскиот процес со кој се соочува во Босна и Херцеговина.
