Додик се „закани“ поради новата потерница: Овој проблем ќе се интернационализира

Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, откако ја преминаа државната граница.

Додик моментално се наоѓа во Израел, каде што присуствува на Меѓународната конференција за борба против антисемитизмот, од каде реагираше на ваквата одлука.

Да потсетиме, по него веќе е распишана централна потерница во БиХ бидејќи е обвинет за уривање на уставниот и правниот поредок.

„Ништо необично, злоупотребата на судството продолжува“, изјави Додик.

Тој повторно ги обвини Бошњаците дека стојат зад се, велејќи дека Обвинителството и Судот на Босна и Херцеговина „се обидуваат да го инструментализираат“.

Тој се закани и дека „овој проблем ќе се интернационализира“.

„Никој не треба да се грижи за таква приказна, бидејќи јас како претседател на РС пред се ги почитувам одлуките на Народното собрание на РС во кои се беше кажано, односно како треба да се постапи. Се е јасно“, рече Додик.

Да потсетиме, НСРС ги донесе „Додиковите“ противуставни закони кои Уставниот суд на Босна и Херцеговина привремено ги забрани. Поради нив во Обвинителството на БиХ е покрената истрага против Додик, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ, а откако не се јавиле на поканата за сослушување, по нив е распишана централна потерница.