Докторка од кочанската болница: Дел од пациентите се очекува да започнат и хируршки интервенции, треба да бидеме особено внимателни со лузните на прстите, рацете и лицето

Медицински тимови од повеќе области се вклучени во грижата и лекувањето на лицата повредени во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според докторката од кочанската болница, Катерина Паниќ-Мирчовска, пациентите се следат од различни специјалисти кои работат заеднички на нивниот третман.

Таа информира дека во процесот на лекување се ангажирани психијатри, дерматолози, пулмолози и хирурзи, кои континуирано ја следат здравствената состојба на повредените и работат со нив.

„Организирани се повеќе специјалисти од повеќе специјалности. Психијатрите, дерматолозите, пулмолозите и хирурзите работат со повредените. Вчера имавме повеќе хирурзи од Европа и Балканот на конференцијата и ја искористивме можноста да ги консултираме за понатамошни посложени интервенции“, изјави Паниќ-Мирчовска.

Според неа, во наредниот период кај дел од пациентите се очекува да започнат и хируршки интервенции, но посочи дека станува збор за сложени повреди и лузни од изгореници, поради што е потребен внимателен пристап.

„Тоа се сложени лузни и сложени повреди и не треба да се брза. Секоја избрзана одлука може да значи нова лузна. Треба да бидеме особено внимателни со лузните на прстите, рацете и лицето“, нагласи таа.

Паниќ-Мирчовска додаде дека и физичката активност може да има позитивно влијание врз рехабилитацијата на повредените. Според неа, спортските активности можат да придонесат за подобрување на подвижноста, особено кај пациентите со изгореници на рацете.

Изјавата на докторката беше дадена по повод хуманитарен кошаркарски натпревар организиран во спомен на жртвите од трагедијата што се случи на 16 март 2025 година.