Доктор Сашко Николов, кандидат за градоначалник на Општина Штип од СДСМ прогласи победа иако се уште ДИК ги пребројува гласовите.
Николов ги повика сите оние кои ги бојкотирале изборите да дојдат и да понудат помош со цел да ја направат оваа општина како што треба.
„Штип е град на сите штипјани и тоа така ќе остане, кој од која политичка партија е тоа не не интересира, важно е дека СДСМ ќе го води Штип напредните 10 месеци и уште 4 години“, порача Николов.
Тој додаде дека како прва работа која ќе ја направи како градоначалник на Штип е тоа да формира фонд со цел секој граѓанин да добие заштитна маска по што, како што рече, ќе се зафати со сите инфраструктурни проблеми, но и со реализација на сите проекти кои се во тек.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска на прес конференција, по денешните избори за градоначалник на Штип, му ја честиташе победата на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и доктор Сашко Николов.
„Доктор Сашко Николов е новиот градоначалник на Штип, срцето на македонскиот исток останува во сигурни раце. Имавме успешен победнички ден, на фер, слободни, демократски и најважно од се, безбедни за здравјето избори, победи вистинскиот кандидат, победи доктор Сашко Николов“, истакна Заев.
Се заблагодари на штипјани што, како што рече, покажале чувство и свест за својот град и општина да продолжи да се развива.