Македонија Свет

Во ЕУ има двојно повеќе семејства со домашни миленици отколку со деца

Во ЕУ има двојно повеќе семејства со домашни миленици отколку со деца

Семејствата во Европската унија сè повеќе се одлучуваат за чување домашни миленици, а сè помалку имаат деца, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2024 година. Од вкупно 202 милиони семејства во ЕУ, само 47,6 милиони (23,6%) имаат деца, додека 76,4% се бездетни. Во исто време, домашни миленици имаат околу 91 милион домаќинства или 46% од сите.

Најмногу семејства со деца има во Словачка (35,6%), Ирска (31%) и Кипар (28,6%), додека најмалку во Финска (18%), Литванија (19,6%) и Германија (20,1%). Половината од семејствата со деца (49,8%) имаат само едно дете, 37,6% имаат две, а само 12,6% имаат три или повеќе деца. Најмногу семејства со три и повеќе деца има во Ирска (20,6%), Шведска (18,1%) и Финска (17,4%).

Интересно е што речиси половина од европските семејства чуваат домашни миленици. Според Федерацијата на европската индустрија за храна за домашни миленици (FEDIAF), во Европа има околу 340 милиони миленици – 127 милиони мачки, 104 милиони кучиња, како и милиони птици, риби и други животни. Европјаните годишно трошат приближно 30 милијарди евра за храна за миленици, а уште 24,5 милијарди за производи и услуги поврзани со нивната нега.

Сличен тренд се забележува и во Македонија. Според последниот попис, земјава брои 538.348 семејства, од кои околу половината имаат најмалку едно дете. Иако не постои официјална статистика за бројот на домашни миленици, податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство покажуваат дека во 2023 година биле регистрирани 84.949 миленици. Сепак, проценките велат дека нивниот реален број надминува 200 илјади.

Пазарот на храна за миленици во Македонија во 2024 година надминал 32 милиони долари, што укажува на растечка популарност и инвестирање во благосостојбата на домашните животни.

Овие податоци откриваат не само демографски трендови, туку и културни и економски промени кои ги обликуваат семејствата во Европа и регионот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни