Државата по основ на еколошка такса од регистрација на возила во 2022 година собрала нешто повеќе од 4 милиони евра, а годинава, заклучно со 14 август околу 3,27 милиони евра.
Собраните средства потоа се рефинансираат во животната средина преку Програмата за инвестиции којашто вклучува изградба на канализациски системи и системи за одведување и прочистување на отпадни води, како и активности за подигнување на јавната свест и истражувачки и развојни студии за заштита и унапредување на животната средина и природа.
Еколошката такса за автомобили чини од 150 до 700 денари зависно од староста и зафатнината на моторот, без разлика дали возилото е дизел, бензин или на гасСо измените на Законот за животна средина од април 2022 година при регистрација на возилата, граѓаните плаќаат еколошка такса.
Висината на надоместокот што го плаќаат домашните правни и физички лица што ја загадуваат животната средина со користење на моторни возила за период од една година е регулирано во член 46 од измените на Законот за животна средина (Сл.Весник на РСМ 89 од 11. 04. 2022 година.) При одредувањето на висината на еколошката такса не се прави разлика какво погонско гориво користи возилото, а единствени критериуми се староста и зафатнината на моторот, без разлика дали возилото користи бензин, дизел, биодизел или гас.
Така, возилата произведени иста година и со иста зафатнина на моторот ќе плаќаат иста еколошка такса без разлика дали се дизел или бензин.
Од плаќање на надоместокот се ослободени возила кои користат електричен погон.
За патнички моторни возила од категорија М1, согласно законот, во зависност од зафатнината на моторот предвидени се четири групи – до 750 кубни сантиметри, од 751 до 1 400, од 1 401 до 2 000 и над 2001 кубни сантиметри.
За олдтајмери, не се прави разлика на зафатнината на моторот и еколошката такса изнесува 300 денари.
Надоместокот за минибуси чини од 400 до 1 500 денари, за автобуси од 550 до 1 500 денари, за товарни возила од 1 050 до 2 000 денари, додека за мотоцикли, трицикли и четирицикли од 100 до 1 000 денари.
И тука, разликата е само во староста и зафатнината на моторот без разлика на погонското гориво што се користи.
Еколошката категоризација на возилата сè уште чека правилникОсвен еколошка такса при регистрација, Министерството за животна средина уште во 2018 година најави категоризација на возилата во зависност од тоа колку загадуваат со која требаше да се ограничува движењето на возилата во градските зони во денови со зголемено ниво на аерозагадување.
И додека, Законот за возила донесен во 2019, предвидува од јануари 2021 година секое возило при регистрација да добие една од трите еколошки налепници во зелена, жолта или црна боја, во зависност од еколошката категорија и загадувањето што го прават, целата работа, како што пишувавме и на почетокот на годинава, е сè уште заглавена и чека Министерството за економија да донесе Правилник за категоризација пред да може да почне да се применува.
На прашањето од МИА, до каде е Правилникот за категоризација на возилата, од Министерството за економија велат дека се чека мислење од Секретаријатот за законодавство, каде во април годинава по трет пат го доставиле на мислење.
Во овој момент, при увоз на возилата се плаќа данок врз основа на еколошките карактеристики (емисиите на гасови) на возилото, а при регистрација на возилата се плаќа само такса за заштита на животната средина со која располага Министерството за животна средина и просторно планирање, се вели во одговорот од Министерството за економија.
