Кина одобри договор за пренос на сопственоста на апликацијата ТикТок, изјави денес американскиот министер за финансии Скот Бесент, додавајќи дека очекува напредок во наредните недели и месеци.
„Го финализиравме договорот за ТикТок во Куала Лумпур во однос на добивањето кинеско одобрение и очекувам тоа да продолжи во наредните недели и месеци и дека конечно ќе имаме решение за ова“, изјави Бесент за Fox Business Network откако американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со кинескиот лидер Си Џинпинг.
Кинеското министерство за трговија претходно денес изјави дека Кина правилно ќе ги реши проблемите со ТикТок со САД.
ТикТок, во сопственост на кинеската компанија ByteDance, сè уште не коментираше за ова прашање.
Судбината на апликацијата, која ја користат 170 милиони Американци, е неизвесна повеќе од 18 месеци откако американскиот Конгрес донесе закон во 2024 година со кој се бара од кинеските сопственици на ТикТок да ја продадат апликацијата до јануари 2025 година.
На 25 септември, Трамп потпиша извршна наредба во која се вели дека планот за продажба на ТикТок на американски и глобални инвеститори ги исполнува барањата за национална безбедност утврдени во законот од 2024 година и им даде 120 дена да го завршат преносот на сопственост. Тој, исто така, го одложи спроведувањето на законот до 20 јануари.
Според наредбата, ТикТок ќе биде во мнозинска сопственост и контролиран од американски субјекти.
Деловниот договор на ТикТок во САД му овозможува на ByteDance да назначи еден од седумте членови на новиот одбор на директори, а Американците ги држат преостанатите шест места. ByteDance ќе остане со помалку од 20% удел во TikTok според договорот.