Четирите предлог амандмани експресно поминаа во Комисијата за уставни прашања. Сепак, државјанството повторно беше во фокусот на дебатата за уставните измени во Комисијата за уставни прашања. Двете албански опозициски партии, Алијанса за Албанците и Движење Беса, истакнаа дека се противат со амандманот 33 предложен од Владата. Пратеникот Фадиљ Зендели истакна дека не сака да се изјасни како Македонец и побара од Владата да го повлече амандманот.
„Кај Преспанскиот договор, тоа што сакате да го наметнете преку законот за Устав, не вели “на Македонија“ туку “Македонец“, прочитајте го предложениот закон и кај Преспанскиот договор е Македонски и нема врска со Македонија“, изјави Фадиљ Зендели, пратеник од Движење Беса.
И пратеникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, рече дека премиерот прави поделба на граѓаните и тргува со законот за устав.
„Во првата реченица од Уставот се создаваат две категории граѓани. Граѓанин, како што е Зоран Заев премиерот, и граѓанин како што е Бујар Османи, Амди Бајрам, Самка, Енес, ние сме како и граѓаните. Ако се погледне внимателно оваа поделба и тоа влијае и на членот на уставот, та тргувате со законот за устав“, изјави Зијадин Села, пратеник од АА.
Инаку амандмани за делот за државјанството поднесоа Мухамед Зеќири од СДСМ, Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и БЕСА.
Пратениците, Соња Мираковска од НСДП и пратеникот од опозицијата, Панчо Минов од ГРОМ, ги поздравија интервенциите во предложените амандмани по собраниската расправа и јавните дебати организирани од Владата. Во првиот амандман се предвидува во Уставот зборот “Република Македонија“ да се замени со зборот “Република Северна Македонија“, а зборот “Македонија“ да се замени со “Северна Македонија“. Во вториот амандман во преамбулата на Уставот зборовите “Одлуките на АСНОМ“ да се заменат со “Проглас на првото заседание на АСНОМ“ и се додава Охридскиот договор. Во третиот амандман се вели “Републиката го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, а четвртиот амандман се однесува на иселениците. Инаку, четирите амандмани на Владата брзо добија зелено светло од пратениците а Комисијата. На оваа дебата не присуствуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Сега, предлог – -амандманите треба да бидат разгледани и изгласани на пленарна седница.
Репортер: Зимер Јашари
