Македонија

Државниот врв со честитки за 28-ми август „Успение на Пресвета Богородица“ – „сета благодарност и поддршка одат кон сите здравствени работници кои во ниту еден миг немаа одмор“

Државниот врв испрати честитки по повод 28-ми август, големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица. Претседателот на државата Стево Пендаровски посака празникот да го минеме пред се во добро здравје, исполнети со љубов, радост и среќа.

„За жал како и минатата година и сега ќе мораме да празнуваме во изменети околности, почитувајќи ги сите правила и препораки за заштита од пандемијата на Ковид 19. Соочувајќи се со пикот на четвртиот бран да бидеме одговорни и дисциплинирани. Да им даруваме љубов на ближните, имајќи особена почит за родителите, а разбирање и прифаќање за децата. Да не дозволиме ништо да ја разниша нашата вера и оптимизам и да ги сочуваме своите вредности и верувања без разлика на тешкотиите со кои се соочуваме. Сплотени да продолжиме да делиме милост и разбирање, отворајќи ги срцата за сите“, рече претседателот на државата Стево Пендаровски.

Порака испрати и првиот човек на законодавниот дом, Талат Џафери кој посака над сѐ добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина, меѓу-граѓанска почит и хармонија.

„За жал, предизвикот со кој се соочуваме минатите години, придружен со сите тешкотии и болки што ги носи пандемијата на вирусот, се уште е надвиснат над нашите глави и јас, дозволете да го повторам тоа што го велам при секоја честитка до Вас, почитувани граѓани, празнувајте внимателно, почитувајте  ги препорачаните протоколи од здравствените институции и бидете одговорни, кон себе, кон вашите блиски, кон Вашите сограѓани. Секако, сета благодарност и поддршка одат кон сите здравствени работници кои  во ниту еден миг немаа одмор и  со натчовечка посветеност се грижат за здравјето на сите нас“, вели во испратената честитка Талат Џафери.

До објавувањето на овој текст, честитика од премиерот Заев не беше пристигната.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни