Празни места можеа да се забележат синоќа на главниот настан за одбележувањето на 110 годишнината од Битолскиот конгрес. Вицепремиерот Бујар Османи како одговорен за организирање на настанот, рече дека се поканети сите пратеници, што подразбира дека се поканети и лидерите на политичките партии. Првиот човек на Секретаријатот за европски прашања, се надеваше дека сите ќе дојдат на прославата, но тоа не се случи. Во Салата на Македонската Филхармонија синоќа не се појави ниту еден пратеник или претставник од Алијанса за Албанците, а немаше претставници ниту од двете крила на Движење Беса. Не се појави ниту министерот за култура, Асаф Адеми кој е од редовите на Движење Беса на Африм Гаши, која е партнер во владината коалиција. Портпаролот на оваа партија, Орхан Муртезани вели дека причината е политизирањето на прославата од страна на ДУИ.
„22 Ноември е албански празник, а не партиски. Лошо е што се прави политизирање. Културен настан на кој не е присутен министерот за култура, и тоа поради партиски протагонизам и лекување на комплекси на инфериорни луѓе кои патат за слава, многу зборува за нив, а не за нас“, вели Орхан Муртезани од движењето Беса.
Побаравме од Министерството за култура да ни објаснат дали министерот Асаф Адеми имал улога во организацијата на настанот. Од таму велат дека активностите за одбележување на 110 годишнината од Албанската азбука, се одредени од почетокот на годината, тогаш кога Асаф Адеми се уште не беше министер за култура.
„Ова е тема за која е одлучено во време кога ние не раководевме со Министерството за култура и ние не можеме да го смениме минатото. Како што сфативте и вие, ова прашање е под надлежност на Министерството за култура. Затоа, треба да ги прашате тие кои што си ја присвоиле улогата на организатор на настанот, а не на нас, кои што немавме можност да се вклучиме“, велат од Министерството за култура.
На синоќешната прослава не се појавија ниту од опозициската Беса на Биљал Касами. Потпретседателот Кастриот Реџепи ни рече дека не добиле покана како партија. И двајцата пратеници од оваа партија, Фадиљ Зендели и Теута Биљали телефонски ни рекоа дека не добиле покана од Собранието. Од другата опозициска партија, Алијанса за Албанците, велат дека манифестацијата им наликувала на партиски собир на ДУИ.
„Вчерашната манифестација по повод Денот на Албанската азбука и 110 годишнината од Битолскиот конгрес, организирана од Владата на РМ, повеќе наликуваше на партиски собир на ДУИ која вообичаено претендира да ги партизира ваквите национални празници, каде присуствуваат партиски службеници и активисти (дури и со своите телохранители) и не покануваат ветерани од образованието кои цел живот го посветиле на албанскиот јазик и народ“, вели Фљакрон Беџети од Алијанска за Албанците.
Пред 110 години, учесниците на Битолскиот конгрес имале поделени мислења за азбуката, затоа понудиле две алтернативни азбуки, една со латинско писмо и другата, со база од азбуката во Истанбул. И денес, 110 години потоа, Албанците со различни мислења, а не ги обедини ниту Денот на азбуката.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
