Македонија

Дурмиши: Просечната потрошувачка кошница во август изнесувала 58.475 денари

Дурмиши: Просечната потрошувачка кошница во август изнесувала 58.475 денари

Просечната потрошувачка кошница во август изнесувала 58.475 денари, што е за 29 денари повеќе од јули, покажуваат пресметките на Министерството за економија и труд. Истовремено, трошоците за храна и пијалаци се намалиле за 255 денари, а министерот Бесар Дурмиши најави нова методологија со која институцијата ќе ја следи реалната потрошувачка на домаќинствата.

Новата методологија била презентирана на денешниот брифинг со медиумите. Според Дурмиши, целта е да се добие пореална и потранспарентна слика за трошоците на домаќинствата во земјава, врз основа на официјални статистички податоци, реалната потрошувачка и пазарните цени на производите и услугите.

– Нашата цел е јасна – да имаме реална и објективна слика за тоа колку трошат домаќинствата. За разлика од проценките што се прават според посакуваните потреби, нашата методологија се базира на податоци за реално остварената потрошувачка, во согласност со меѓународно прифатените статистички класификации – истакна Дурмиши.

Потрошувачката кошница опфаќа 11 категории трошоци, меѓу кои храна и пијалаци, домување, транспорт, здравство, образование, облека и обувки, комуникации и други производи и услуги.

При пресметката се користат податоци од Државниот завод за статистика, цени на производи во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цени на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.

Разлика од над 2.000 денари од почетокот на годината

Според податоците на Министерството, во јануари 2026 година просечната потрошувачка кошница изнесувала 56.381 денар, додека во август достигнала 58.475 денари. Тоа е зголемување од околу 2.095 денари, односно 3,7 проценти.

Дурмиши се осврна и на разликите меѓу методологијата на Министерството и синдикалната минимална потрошувачка кошница. Синдикалната кошница за август изнесувала околу 68.676 денари, што е за повеќе од 10.000 денари над износот пресметан од Министерството.

Според министерот, разликата произлегува од различниот пристап при пресметката. Синдикалната кошница се темели на проценети потреби и вклучува трошоци за алкохол, цигари и кирија, додека методологијата на Министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата.

Во однос на домувањето, Дурмиши се повика на податоците од Пописот во 2021 година, според кои околу 95 проценти од населението живее во сопствен дом.

Разлики се забележуваат и кај издатоците за храна и пијалаци. Според Министерството, овие трошоци во август изнесувале 21.132 денари, додека во синдикалната кошница биле пресметани 25.032 денари. Различни износи има и кај категориите облека и обувки, образование, домување и комуникации.

– Ние ги почитуваме синдикатите и нивната улога во заштитата на работничките права. Но, мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката – порача Дурмиши.

Тој нагласи дека различните пресметки можат да бидат корисни за јавноста доколку јасно се објасни што покажува секоја од нив и врз кои податоци се заснова.

Министерството за економија и труд најавува дека и во наредниот период ќе ги следи движењата на цените, особено на основните прехранбени производи, и ќе работи на мерки за заштита на животниот стандард и зајакнување на куповната моќ на граѓаните.

– За нас е важно економските политики да се темелат на факти, а не на претпоставки. Само со точни и транспарентни податоци можеме да креираме политики што одговараат на реалните економски состојби и потребите на граѓаните – истакна Дурмиши.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни