Два месеци од бегството на Груевски, МВР и Обвинителството сè уште молчат

Не МВР, туку обвинителството треба да каже како и каде Никола Груевски избегал од Македонија и дали некој во тоа му помогнал. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека тоа е задача на обвинителството, кое по направените анализи треба да ги соопшти информациите на јавноста.

„Очекувам дека кога ќе ги соберат сите информации, ќе ја известат јавноста. МВР постапува по секој налог кој ќе биде даден во обезбедување на информации. Значи, има многу информации и анализи, меѓутоа тоа го оставам на Обвинителството да го анализира и информациите да ги соопшти на јавноста“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

НОВИНАР: Јавниот обвинител веќе кажа дека Груевски не поминал официјален граничен премин. Имате такви информации?

СПАСОВСКИ: Оставам Обвинителството да ги даде сите детали.

НОВИНАР: тоа значи дека вие ги имате сите сознанија?

СПАСОВСКИ: Тоа значи дека очекувам анализите да ги направи Обвинителството и да ја информира јавноста

Но, државниот јавен обвините Љубомир Јовевски во новогодишното интервју за Македонската информативна агенција изјави дека побарани се докази и меѓународна правна помош од надлежните органи на Република Албанија и Република Црна Гора. Добиени се снимките од безбедносните камери на патиштата, наплатните рампи, граничните премини, како и околу домот на поранешниот премие. Јовевски во интервјуто изјави дека Груевски од Македонија во Албанија влегол преку див граничен премин.

„Обвинителството не утврдува дали има пропусти на одредени институции, туку дали има кривично-правни дејствија од некои лица за овозможување на бегството. Надлежните институции, во рамките на нивната внатрешна организација, треба да утврдат дали и каква одговорност имало во нивното постапување и надлежност“,  посочува државниот јавен обвинител, Љубомир Јовевски во интервјуто за МИА.“

Груевски од Македонија избега на 11 ноември минатата година. Засега не е познато кој му помогнал да ја напушти државата. Преку Албанија, Црна Гора и Србија, екс премиерот заврши во Унгарија каде доби политички азил. Одговор за барањето за екстрадиција од унгарските власти се уште нема. Тој доби двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, а за останатите случаи ќе му се суди во отсуство. Кривичниот суд денеска соопшти дека е одобрено обвинението и во случајот „Талир“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу обвинетите е и Никола Груевски.

РЕПОРТЕР: ТВ21

Извор: ТВ21