Македонија

Два смртни случаи со траги од насилство за пет дена во Скопје, засега нема потврдена поврзаност

Два смртни случаи со траги од насилство за пет дена во Скопје, засега нема потврдена поврзаност

Седумдесет и шестгодишна жена денеска е пронајдена почината со видливи траги од насилство во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“ во Скопје. Ова е втор случај за пет дена во главниот град во кој лице е пронајдено мртво во својот дом со траги од насилство. Засега нема информации што би потврдиле дека случаите се поврзани.

Од Министерството за внатрешни работи за 4news.mk информираат дека денеска, 27 октомври, во 09:18 часот, М. А. пријавила во СВР Скопје дека ја пронашла својата мајка О. А. (76) без знаци на живот.

Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт со видливи траги од насилство. За случајот е известен јавен обвинител, по чии насоки телото е предадено на обдукција. Полицијата презема мерки за утврдување на причините за смртта и за расчистување на случајот.

Пет дена претходно, на 22 октомври, во 18:40 часот, во СВР Скопје било пријавено дека 62-годишниот С. Ј. е пронајден починат во својот дом на подрачјето на општина Ѓорче Петров. И тогаш лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт со траги од насилство, а јавен обвинител наредил обдукција.

Двата случаи го отвораат прашањето дали постои евентуална поврзаност. Одговорот треба да произлезе од доказите, обдукциските наоди и од утврдувањето на околностите и на евентуалниот сторител или сторители. Врз основа на собраните докази, надлежното обвинителство ќе може да оцени дали постојат елементи што ги поврзуваат случаите.

Самата временска близина и фактот што кај двете лица се забележани траги од насилство не се доволни за заклучок дека станува збор за поврзани убиства.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни