Адвокатот Мерџан Даути повторно побара да ја води одбраната за ТНТ на албански јазик. Тој вели дека поминале два месеца откако побарал превод на досиејата и доказите од Основен суд но се уште не ги добил. Адвокатот се жали дека поради тоа тој не може да ја подготви потребната одбраната на обвинетата Елисавета Најдовска во случајот ТНТ.
„Исто така, во оваа прилика сакам да истакнам дека и покрај моите писмени поднесоци доставени до надлежниот суд, со кои укажувам на горенаведените повреди и барам да ми се овозможи користење на албанскиот јазик согласно Уставот и законите во Република Северна Македонија, судијата Ставрев свесно избегнува од неговите одлуки за неовозможување на ова право да се нотираат во записник за одржување на рочиште, со што ми се оневозможува по истите да поднесам жалба и да превземам други правни дејствија.“, е ставот на Даути.
Даути претендира дека судијата Огнен Ставрев намерно го избегнува ова барање во неговиот записник на рочиштата, за што тој вели дека го попречува да се жали и да презема други правни дејствија. Со отворено писмо се обрати и другиот адвокат на ТНТ, Јовица Страшевски. Писмото и го посвети на екс судијката поротничка Лилјана Ивановска Кочовска во кое побара да не се појавува веќе на судските рочишта бидејќи и е истечен мандатот.
„Доколку продолжите да се појавувате на судските рочишта во својство на судија поротник ќе сторите кривично дело лажно преставување согласно член 391 од Кривичниот законик за кое дело е предвидена затворска казна. Како поранешен поротник го ценам Вашиот ангажман и труд да придонесите кон владеење на правото во нашата земја и се надевам дека после ова обраќање вашата совест и свест ќе проработи и нема да дозволите за туѓи интереси бидете натерана да работите спротивно на закон“, се вели во соопштението на Јовица Страшевски.
Екс обвинителот Александар Наков смета дека сето ова е резултат од соработка меѓу адвокатите, судиите и обвинителите за одложување на одредени предмети.
Откако предметот ТНТ влезе во завршна фаза, на секое рочиште имаше многу барање од адвокатите на обвинетите, како што беше барањето за превод на доказите на албански јазик поради што беа одложени три рочишта. Потоа бојкотот на адвокатите на обвинетите токму на денот кога требаше да бидат изнесени завршните зборови и на крај, потоа случајот кога третообвинетиот Тони Трајковски беше претепан, поради што се откажа главното рочиште.
Сето ова се случуваше од моментот кога адвокатите дознаа дека 24 декември е критичниот ден до кога треба да го одолговлекуваат предметот, бидејќи тогаш им истекуваше мандатот на двајца судии поротници и најверојатно на 17 јануари предметот ќе биде вратен од почеток. Првообвинет во ТНТ, е екс премиерот Никола Груевски кој е во бегство, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, екс градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски и други вработени во општината.